Серена Вилијамс во сабота ќе се обиде да стигне до рекордна 24-та гранслем титула и осма од тревните терени на Вимблдон, откако во дуелот на две ветеранки не и даде вистинска шанса на чешката тенисерка Барбора Стрицова.

Стрицова, која го играше своето прво гранслем полуфинале на 33 години, во текот на целиот меч беше во подредена положба и успеа да освои само три гема (6-1/6-2). Вилијамс, која лани загуби во финалето на „Ол Ингланд клубот“ од Анжелик Кербер уште ја чека својата прва гранслем титула откако стана мајка, и во сабота ќе се обиде да го израмни рекордот на Австралијката Маргарет Корт со 24-та титула од големите турнири.

– Добро е да си назад во финалето, и знаев дека можам, но дека ми се потребни мечеви. Во секој следен меч бев подобра и сега мислам дека можам да го дадам максимумот. Секој ден станувам со мислата да се натпреварувам пред публика. Го сакам тоа што правам. Ќе биде тешко против Симона, секогаш е така. Едвај чекам – изјави Вилијамс.

Претходно денес, Симона Халеп исто така беше убедлива и со 6-1 и 6-3 во сетови ја декласираше Елина Свитолина во првото полуфинале. Романката оди на втора гранслем титула и прва од Вимблдон, но влегува во мечот со само 2 победи и 9 порази против Серена. Вилијамс ги доби последните пет дуели (од 2015 година), вклучувајќи ја и пресметката во четвртото коло на Австралија опен во јануари.

– Чувството е фантастично. Навистина сум возбудена, но и малку нервозна што сум во финалето. Ова е еден од најдобрите моменти во мојот живот. Ќе играм за да уживам во финалето – изјави Халеп по победата.