Шарл Леклер ќе стартува од пол-позицијата на деветтата трка во првенството на Формула 1, големата награда на Австрија. Одличните квалификации на Леклер, кој вторпат во кариерата ќе започне трка од првото место, ги расипа Себастијан Фетел, кој поради проблеми со болидот воопшто не се појави во завршната квалификациска сесија.

Леклер доминираше во квалификациите, во втората и особено во третата сесија кога не им даде шанси на конкурентите. Возачот на Ферари до пол-позицијата дојде со рекорд на патеката 1.03.003 минути.

На стартот до Леклер ќе биде лидерот во генералниот пласман Луис Хамилтон. Возачот на Мерцедес забележа послабо време за 0.259 секунди.

Во вториот стартен ред се Макс Верстапен од Ред Бул и Валтери Ботас од Мерцедес, тие имаа послабо време од најдоброто на Леклер за 0.436, односно 0.534 секунди.

Меѓу првите десет на стартот ќе бидат Кевин Магнусен (Хас), Ландо Норис (Мекларен), Кими Раиконен (Алфа Ромео), Антонио Џовинаци (Алфа Ромео), Пјер Гасли (Торо Росо) и Себастијан Фетел (Ферари).

На стартот Фетел се пак ќе биде деветти бидејќи Магнусен доби казна од пет позиции и тој трката ќе ја стартува од десеттото место.