Леклер (десно) и Фетел

Поранешниот технички директор на Ферари, Рос Браун, верува дека младата ѕвезда Шарл Леклер може да го вознемири Себастијан Фетел, но не и да го победи. Браун е меѓу луѓето, кои веруваат дека Леклер е идна ѕвезда, но тој е едвај втора година во Ф1 и уште е на почетокот на својот пат.

На прашањето дали Шарл може да го победи Себ во дебитантската сезона, Браун одговори: „Би се изненадил, искрено, Фетел е многу добар“.

– Леклер може да го вознемири Фетел, и ако тоа се случи, тимот ќе треба да се справи со тоа – со самиот факт дека Фетел може да биде вознемирен. Шарл заслужува почит за постигнатото во првата година во Ф1 – сега веќе е во врвен тим. Колку што разговарав со луѓето од Ферари, тие се импресионирани од неговиот пристап и став. Мислам дека е доста посебен – вели Британецот.

Браун, исто така, смета дека со застанувањето на чело на тимот на Матија Биното, атмосферата во тимот ќе се смири.

– Тимот беше под голем стрес минатата година; смртта на Серџо Маркионе, потоа имаше тензии меѓу Маурицио и Матија. Генерално беше многу комплицирано. Иако имаа силен автомобил и беа многу силни на моменти, ако сакаш да ги победиш Луис Хамилтон и Мерцедес, треба да си беспрекорен. Имам чувство дека оваа година Ферари ќе бидат уште посилни, вели екс шефотна „Скудерија“.

Браун изјави уште дека поминал некое време во гаражата на Ферари за време на предсезонските тестови и доловил релаксирана атмосфера и конструктивна работа. Според него, Биното има многу прагматичен пристап, па дури и понекогаш да подлегне на емоции, но работи многу структурирано.