Бирхану Легесе од Етиопија победи на маратонот во Токио, втора година едноподруго, со време од 2:04,15 часа, на празните улици во јапонската престолнина.
Локалното население беше обесхрабрено и не се појави на улиците поради опасноста од коронавирусот, а трката беше ограничена на неколку стотици елитни маратонци, без вообичаените над 30.000 аматери тркачи.

Зад Легесе, кој не успеа да го собори рекордот на Вилсон Кипсанг од 2017-та (2:03,58 часа), на втората и на третата позиција беа Белгиецот Башир Абди, по потекло од Сомалија, (2:04,49) и Етиопјанецот, Сисај Лема (2:04,51 часа).
Четврти беше Јапонецот Сугуру Осако со време од 2:05.29 часа, подобро за 21 секунда од сопствениот и национален рекорд.
Маратонот во Токио е еден од шесте најголеми во светот, по Бостон, Њујорк, Чикаго, Лондон и Берлин.