Треба да бидеме силни во оваа битка против коронавирусот. Ако можеме да му помогнеме некому, тогаш да го направиме тоа, вели фудбалерот на Баерн, Левандовски

СЀ ПОВЕЌЕ СПОРТИСТИ ДОНИРААТ ЗА БОРБАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ

Сѐ повеќе спортисти, спортски работници, донатори од различни професии, клубови… донираат финансиски и други средства во настојувањето да помогнат колку што можат во справувањето со ширењето на коронавирусот, кое Светската здравствена организација го прогласи за пандемија.
Така, на пример, фудбалерот на Баерн, Роберт Левандовски и негова сопруга Ана за оваа цел решија да донираат еден милион евра.
– Сите сме свесни за тешката ситуација. Денес сите играме во еден тим и треба да бидеме силни во оваа битка против коронавирусот. Ако можеме да му помогнеме некому, тогаш да го направиме тоа. Оваа ситуација влијае на сите нас, па затоа бидете одговорни и слушајте ги оние што знаат најдобро – изјави Левандовски за германскиот весник „Билд“.

Неговите соиграчи Џошуа Кимих и Леон Горецка поведоа иницијатива во која со нивната донација, како и онаа на Лирој Сане од 500.000 евра, досега се собрани повеќе од 2,5 милиони евра за борбата со коронавирусот.
– Само ако бидеме сложни, ако покажеме разумност и одговорност, ако бидеме едни со други, можеме да се извлечеме од оваа криза во која се најдовме – рече Кимих.
Фудбалерот Вилфред Заха реши да му помогне на здравствениот персонал во Лондон, но и во цела Англија. Годинашниот хит на премиерлигашот Кристал Палас, чија вредност на пазарот се проценува околу 100 милиони евра, потврдил дека своите лондонски недвижности им ги отстапува на користење на медицинските лица што ги лекуваат заразените од коронавирусот. Заработените пари од фудбалот извесно време Заха ги вложува во недвижности во Лондон, па ги повикал сите здравствени установи да му се јават ако им треба сместување по напорниот работен ден или, пак, ако не можат да се вратат во своите домови.

Средства или недвижнини за борбата против вирусот донирале и Гери Невил и Рајан Гигс, како и повеќе клубови, поранешни претседатели на клубови. Средства донирала и НБА-ѕвездата, словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ. По акцијата со Далас маверикс и неговиот сопственик Марк Кубан за помош на болниците во Тексас (САД), со половина милион долари, Дончиќ одлучи да им помогне и на своите сонародници. Преку својата новоформирана фондација „Да го оствариме сонот“ реши финансиски да им помогне на словенечките болници.
Секако, овој број на популарни спортски ѕвезди, сегашни и поранешни, не е конечен и се очекува од ден на ден да биде уште поголем.