По пензионирањето на до неодамна неприкосновениот во светското скијање, Австриецот Марсел Хиршер, кој осум години по ред триумфира во Светскиот куп (СК), како да доаѓа времето на Норвежанецот Хенрик Кристоферсен (25). Норвешкиот скијач победи на велеслаломот во италијанскиот скијачки центар Алта Бадија, по што се искачи на првата позиција во генералниот пласман, како и во велеслалом. За Кристоферсен тоа беше втора победа сезонава (првата беше во слалом во Леви минатиот месец), вкупно 20-та во СК во кариерата.

На Светското првенство (СП) во февруари годинава во Оре, Шведска, Кристоферсен го освои златниот медал во велеслалом, а на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2018-та во Пјонгчанг, сребрениот. Во генералниот пласман, Кристоферсен има 343 поени, 31 повеќе од Австриецот Винсент Кричмаер. Во велеслалом веќе собра 193 поени, 23 повеќе од Словенецот Жан Крањец, а во слалом 150, што е предност од 25 поени пред второпласираниот Андре Мирер од Шведска.

– Навистина не се грижам многу на кое место сум. Само се обидувам да скијам што е можно побрзо и да победам на што повеќе трки. Кога скијате брзо, тогаш можете да победувате на трките и потоа имате право да зборувате за други работи. Но во моментов се чувствувам доста добро – вели Кристоферсен за фаворитската улога во која се наоѓа.

Кристоферсен скија од петгодишна возраст, а прв тренер му бил неговиот татко, Ларс. Уште во почетокот од скијачката кариера заредија успесите. Во 2012 година, на 17-годишна возраст, стана светски првак во јуниорска конкуренција во слалом и победи во првата трка во Европскиот куп. Првата победа во СК ја забележа на ноќната трка во Шладминг во јануари 2014 година. Во февруари 2014 година, на 19-годишна возраст, Кристоферсен си обезбеди место во скијачката историја, со тоа што стана најмладиот скијач освојувач на олимписки медал, бронзен во слалом, на Зимските олимписки игри во Сочи. Во март 2015 година тој ги освои петтата и шестата светска титула во јуниорска конкуренција (слалом, велеслалом и во комбинација), поставувајќи нов рекорд. До крајот на сезоната, тој го освои и осмиот јуниорски медал (вкупно шест злата и две бронзи), што е уште еден рекорд.

– Убаво е да се биде рекордер, но до успехот не се стигнува лесно, треба да се работи многу напорно – вели Кристоферсен.