На фестивалот, на кој присуствуваа многу признаени предавачи од целиот свет, беше истражувана моќта на шахот во училиштата, што претставува пример како образовниот шах може да ги подобри различните вештини на учениците, самопочитувањето, логичното и критичко размислување

СЕ ОДРЖА ГЛОБАЛНИОТ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ НА ЈУДИТ ПОЛГАР

Годинешниот хибриден и офлајн глобален шаховски фестивал на Јудит Полгар, кој неодамна се одржа во Унгарската национална галерија во Будимпешта, постигна огромен успех, со присуство на 3.000 посетители. Покрај нив, повеќе од 45.000 гледачи од целиот свет се приклучија на настанот преку интернет-мрежата. На фестивалот, на кој присуствуваа многу признаени предавачи од целиот свет, беше истражувана моќта на шахот во училиштата, што претставува пример како образовниот шах може да ги подобри различните вештини на учениците, самопочитувањето, логичното и критичко размислување, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница.
Унгарската национална галерија тој ден мина низ голема трансформација, стана шаховска палата, дом на Глобалниот шаховски фестивал на Јудит Полгар, носејќи возбудливи активности и предавања за сите што сакаа да ја откријат шаховската разновидност, како што е неговата поврзаност со образованието, уметноста и науката. Креативноста и иновацијата ја имаа главната улога, а особено беа интереси предавањата на индискиот софтверски инженер Ешвин Субраманијан за биофидбекот, истражувањето на пулсот и движењата на очите на шахистот и како сето тоа влијае врз донесувањето одлуки, а опиша и како анализата на податоците може да помогне за време на подготовките.
– Благодарение на биофидбекот, дури и надворешните лица можат да бидат сведоци на стресот што го чувствуваат играчите, оти биофидбекот може да се визуализира за време на емитувањето – изјави меѓу другото Субраманијан.

Презентерите на едукативниот шаховски самит ги прикажаа и најновите резултати од нивната работа во врска со влијанието на шахот во развојот на индивидуалните вештини. Според Ерно Рубик (пронаоѓачот на Рубиковата коцка н.з.), учењето игри е начин за ефикасно вклучување и развој на децата. Џери Неш, национален консултант за шаховска едукација, нагласи дека децата што играат шах поседуваат одреден „способен“ став кон секој предизвик што ќе им се појави.
Покровителката на настанот, Марија Габриел, комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади при Европската комисија, ги поздрави посетителите со видеопорака и го пофали методот на Јудит Полгар.
– Секако, се надевам дека учителските академии „Еразмус плус“ ќе се вклучат во вашиот пристап во шаховската палата – рече Габриел.
Понатаму, Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Европската шаховска унија (ЕЦУ) и Министерството за човечки капацитети, исто така, ја поддржуваат исклучителната природа на методот на Јудит Полгар, во насока на популаризирање на шаховските образовни програми низ целиот свет. На крајот ѝ беше доделено меѓународно признание на прославената унгарска шахистка, Јудит Полгар, за методот што таа успешно го спроведува.
– Годинава глобалниот шаховски фестивал промовира 1.000 шаховски лика низ целиот свет. Наша цел е да ја споделиме убавината на шахот со пет милиони луѓе до 2025 година, оти шахот нe поврзува – изјавија од мисијата Глобален шаховски фестивал на Јудит Полгар.