Жан Крањец

Словенецот Жан Крањец е сензационалниот победник во велеслаломот, втор триумф за него во кариерата, во Светскиот куп (СК) во Аделбоден, Швајцарија. За второто изненадување во Аделбоден се погрижи Хрватот Филип Зубчиќ, кој, иако со стартен број 20, благодарение на двете одлични возења, го освои второто место (заостана 29 стотинки зад победникот) и првпат се искачи на победничкиот подиум во СК. Третото место го поделија двајца скијачи, Французинот Виктор Муфат-Жанде и Норвежанецот Хенрик Кристоферсен, кои заостанаа со идентични 66 стотинки зад Крањец.

– Сè е можно во второто возење, максимално ризикував, возев најдобро што можам и успеав – рече словенечкиот скијач по трката.

Втората победа за Крањец во СК означи и крај на серијата од 10 пласмани за него меѓу најдобрите 10, од деби-победата минатата сезона (во декември 2018-та) во Залбах, Австрија. Тој исто така беше четврти и на велеслаломот на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг во 2018 година. Крањец го презеде водството во велеслалом во СК со 270 поени, 17 повеќе од водечкиот во генералниот поредок, Кристоферсен, кој има 531 поен.

Швајцарците повторно останаа без скијач на победничкиот подиум во Аделбоден, 12-та сезона по ред. По првото возење, Лик Мелард беше на третата позиција, но на крајот заврши како 17-ти.