Ерата на „големата четворка“ во тенисот, која според многумина претставува златно доба во белиот спорт, полека се ближи кон нејзиниот крај, откако Британецот Енди Мареј (31) најави дека ќе ја заврши кариерата сезонава, на денешната прес-конференција во Мелбурн. 

– Му кажав на својот тим. Видете, мислам дека можам да истуркам до „Вимблдон“. Таму би сакал да престанам да играм. Но не сум сигурен дека ќе можам да го сторам тоа. Се мачам веќе подолго време. Веќе 20 месеци сум во големи болки. Сторив се што можам за да се чувствувам подобро, но тоа не помогна многу – кажа Мареј во солзи.

Поранешниот светски рекет број еден и трикратен гранслем-шампион истакна оти неговата одлука се должи на повредата на колкот, која го оневозможува да настапува на врвно ниво. Трофејниот тенисер настапи на вкупно шест турнири минатата година, по што падна на 240-то место на АТП-листата, откако имаше операцијата на колкот. Мареј би можел да го одигра неговиот последен меч во кариерата на тековниот гранслем-турнир „Австралија опен“ во Мелбурн, и покрај тоа што ќе се обиде да учествува и на „Вимблдон“ кој е закажан за јули.

Извесно е дека тенисерите од „големата четворка“, Роже Федерер (37), Рафаел Надал (32) и Новак Ѓоковиќ (31), како и Мареј, го поминаа зенитот во нивните кариери, пред се, поради оптовареноста од повредите. Надал немаше натпреварувачки меч од септември минатата година, кога беше приморан да се повлече од полуфиналниот дуел со Хуан Дел Потро поради болки во колената. Тој потоа се соочи со уште неколку повреди и операција на скочниот зглоб. Федерер уште игра на врвно ниво, но веројатно навлезе во последното поглавје од кариерата. Водечкиот тенисер на АТП-листата, Ѓоковиќ, пак, игра во најдобра форма од „големата четворка“, откако минатата сезона ги освои „Вимблдон“ и „САД опен“.

Федерер, Ѓоковиќ, Надал и Мареј имаа своевиден „монопол“ врз трофеите во тенисот, заедно освојувајќи вкупно 296 трофеи од кои 54 на гранслем-турнирите (Федерер 20, Надал 17, Ѓоковиќ 14 и Мареј три), со остварена заработка од преку 400 милиони долари од премиите. 

Стан Вавринка, Марин Чилиќ и Хуан Дел Потро се единствените тенисери што успеаја да стигнат до гранслем-трофеј покрај „големата четворка“, во изминатите 14 години. М.Ж.

Мареј, Ѓоковиќ, Федерер и Надал (од лево кон десно) заедно имаат 54 гранслем-трофеи