Oваа генерација шахисти е најсилната во светот во моментов, можеби најсилна на сите времиња од една земја. Индија има многу талентирани играчи со голем потенцијал да станат врвни шахисти, можеби и светски шампиони, вели Крамник

Поранешниот светски шампион, велемајсторот (ВМ) Владимир Крамник ќе тренира шест млади шахисти од Индија, на камп во Швајцарија во август, објавија организаторите на кампот. Крамник ќе работи со велемајсторите Гукеш, Прагнананда, Инијан и Еригаси и со интернационалните мајстори Садхвани и Мендонка.

– Сметам дека оваа генерација шахисти е најсилната во светот во моментов, можеби најсилна на сите времиња од една земја. Индија има многу талентирани играчи со голем потенцијал да станат врвни шахисти, можеби и светски шампиони. Идејата за обука на младите талентирани деца од Индија дојде за време на разговорот со Фредерик Фридел, мојот добар пријател од „Чес-бејс“. Сега сум пензиониран од шах и повеќе не играм. Но за мене значи многу ако можам да го споделам моето знаење со талентираните јуниори, кои можат да постигнат нешто големо во иднина. Ќе се допираме до сите аспекти на играта, ќе дадам мои насоки за тоа како психолошки и професионално се подготвував за шаховските турнири, ќе споделувам тајни за кои се свесни само врвните играчи поради нивното искуство од играњето шах на највисоко ниво – рече Крамник.