Кога ќе ги научите работите според сопственото искуство и тоа многу често негативно искуство, правите некои глупави грешки и потоа учите од нив. Тоа е многу подобра лекција, вели Крамник, кој лани го шокира шаховскиот свет кога го најави своето пензионирање од активното играње на шаховски турнири

ШАХ

Поранешниот светски шаховски првак, Русинот Владимир Крамник, беше интервјуиран од интернационалниот мајстор (ИМ), Индијката Танија Сачдев, при што, меѓу другото, зборуваше за тоа како се справува со шаховската изолацијата, кој имал најголемо шаховско влијание врз него кога бил дете, како успеал да го победи Русинот Гари Каспаров и итн.
Крамник, 14-от светски шампион, го шокира шаховскиот свет кога на ланскиот турнир во Вајк ан Зе, го најави своето пензионирање од активното играње на шаховски турнири. Оттогаш, тој учествуваше само на неколку турнири во забрзан и брз шах (и преку интернет) и обучуваше група млади индиски шаховски суперталенти. Но како се справува со шаховската изолација?
– Многу сум среќен поради тоа и ќе уживам. Го минувам времето со семејството, со моите деца и тоа повеќе од вообичаеното. Има многу работи што треба допрва да ги направам – самоуверено вели Крамник, кој беше светски првак во класичен шах од 2000 до 2006, а неоспорен светски шампион од 2006 до 2007 година. 
 
Враќајќи се наназад околу четириесетина години, тој открива кој имал најголемо влијание за време на раниот развој во неговата шаховска кариера.
– Единствената книга во нашата мала книжарница беше книгата за најдобрите партии на Анатолиј Карпов и јас ја проучував дење и ноќе можеби една година, па веројатно тоа беше и највлијателната книга за мене – објаснува Крамник, кој според Каспаров, има многу сличен стил на игра како и Карпов.
Неговото најголемо достигнување, секако беше победaта над Каспаров (8,5-6,5) во мечот за светски првак одржан 2000 година во Лондон.
 
– Мојата главна сила во тој меч беше што бев многу психолошки стабилен и никогаш не сакав премногу да победам. Токму затоа не бев многу нервозен и секогаш се враќав во мечот. Го прифатив и тоа дека губењето е составен дел од играта. Всушност, јас не сум спортист по природа, не сум натпреварувачка личност – вели Владимир, кому прв резултат за паметење му бил златниот медал што го освоил (како резерва) со руската репрезентација на Шаховската олимпијада (ШО) во Манила 1992 година. 
Тој не го крие фактот што никогаш немал свој советник во шахот.
 
– Имав среќа што никогаш немав свој советник. Кога ќе ги научите работите според сопственото искуство и тоа многу често негативно искуство, правите некои глупави грешки и потоа учите од нив. Тоа е многу подобра лекција – резонира Крамник, кој во 2002 година одигра нерешено (4-4) против шаховскиот компјутер „Дип Фриц“ иако водеше со 3-1.
 
На забелешката зошто не е активен на социјалните мрежи, тој оди многу подалеку во својот одговор.
– Имам многу поголем грев од ова. Јас не гледам сериски филмови и воопшто не гледам телевизија. Всушност, само двапати го гледав филмот Матрикс, можеби пред два месеца. Со ова многу заштедувате време – вели Крамник, кого љубителите на шахот во Македонија имаа можност последен пат да го видат на Европскиот клупски куп (ЕКК) 2015 година во Скопје (додека беше активен шахист), кога рускиот клуб Сиберија (за кого играше на првата табла), го освои златниот медал.