Главни фаворити: Каруана (лево) и Лирен

Одговорот на прв поглед изгледа мошне лесен, Каруана или Лирен, со оглед на тоа што тие се и единствените двајца шахисти во Екатеринбург со рејтинг поголем од 2.800 поени

Динг Лирен (Кина), Фабијано Каруана (САД), Хао Ванг (Кина), Александар Гришчук (Русија), Максим Вашер-Лаграв (Франција), Кирил Алексенко (Русија), Аниш Гири (Холандија) или Јан Непомнијашчи (Русија) ќе биде новиот предизвикувач на актуелниот светски првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен во Дубаи (ОАЕ) на 20 декември годинава. Енигмата ќе биде решена по одигрувањето 14 кола на Турнирот на кандидатите во рускиот град Екатеринбург (од утре до 5 април), за награден фонд од 500.000 евра, што наедно претставува и најголем награден фонд за ваков турнир досега.
Азербејџанецот Тимур Раџабов, кој веќе беше квалификуван, го откажа учеството, и него го замени Вашер-Лаграв, како играч со најголем просечен рејтинг за периодот од февруари 2019 до јануари 2020 година.
Одговорот за победникот на турнирот (кој е од 21-та категорија, со просечен рејтинг на шахистите од 2.774 поени), на прв поглед изгледа мошне лесен, Каруана или Лирен, со оглед на тоа што тие се и единствените шахисти со рејтинг поголем од 2.800 поени. Но што велат експертите? Поранешниот светски првак Индиецот Вишванатан Ананд, типува на Лирен.
– Силата на Лирен е во тоа што тој игра многу добро на вакви супертурнири. Тој е многу цврст играч, така што ваков турнир е како да е дизајниран за неговиот стил на игра – појаснува Ананд.
Русинот Гари Каспаров, 13-от светски првак едноподруго и за многумина најсилен во историјата на древната игра, смета дека шансите Каруана да биде пред Динг се во сооднос 3-1.
– Тие двајцата се огромни фаворити. Потребна е природна непогода за еден од нив да не биде конечен победник – дециден е Каспаров.
Оптимист е и еден од учесниците на турнирот.
– Не можете да замислите колку работи гледате за време на сериозна подготовка. Мислам дека сум многу добро подготвен за овој мошне значаен турнир – вели Гири. 


ДВОЈКИ, 1. КОЛО

Динг (2.805) – Ванг (2.762)
Гришчук (2.777) – Алексенко (2.698)
Вашер-Лаграв (2.767) – Каруана (2.842)
Гири (2.763) – Непомнијашчи (2.774)
Мечевите се предвидени за утре. Во заградите се рејтинзите
на шахистите