Конечната одлука дали ќе има гледачи на трибините и, доколку има, колкав ќе биде нивниот број, ќе биде донесена во јуни

ЛОИ ТОКИО

Претседателот на Светската атлетика, Британецот Себастијан Коу, убеден е дека Олимписките игри (ОИ) во Токио ќе се одржат во јули, и покрај зголемениот број на заразени со ковид-19 во Јапонија, пренесува британски „Гардијан“. Тој истакна дека натпреварите на најголемиот спортски фестивал во светот ќе бидат посебни, дури и ако нема гледачи. Овој став Коу го најави по успешното тест-натпреварување во полумаратон во Сапоро, без оглед на тоа што, според анкетите, околу 80 отсто од Јапонците се против одржување на ОИ.
– Загриженоста е разбирлива. Предизвиците се големи. Не верувам дека организаторите на кои било претходни ОИ се соочиле со вакви тешки околности – рече Коу.

Организацискиот комитет на ОИ во Токио во јуни треба да донесе конечна одлука дали ќе има гледачи на олимписките арени и, доколку има, колкав ќе биде нивниот број. Поранешниот повеќекратен светски рекордер и четирикратен освојувач на олимписки медали Коу смета дека спортистите во светот веќе се навикнати на празни трибини, наведува „Гардијан“.
– Сите се надеваме, особено спортистите, дека ќе биде дозволено присуство на гледачи на трибините, но исто така мислам дека сите се свесни дека и, доколку тоа не е можно, ОИ сепак ќе се одржат и ќе донесат врвни натпреварувања – смета Коу.
Според официјалните податоци, Токио потрошило 11,1 милијарди фунти за организација на ОИ, иако, според некои извори, бројката е двојно поголема.