Костењук (лево) и Горјачкина

Руската шахистка и поранешна светска првенка Александра Костењук (2.472 рејтинг-поени) победи на Светскиот куп (СК) за жени во Сочи (103 учеснички), по нокаут-систем, без притоа да одигра тајбрејк-партија со забрзано темпо. Костењук (37) оствари импозантни 10 поени од 12 партии, елиминирајќи ги Дејси Кори, Пиа Краминг, Марија Музичук, Валентина Гунина, Тан Жонгуи, а во финалето првата носителка, Русинката Александра Горјачкина (2.596), со 1,5-0,5.
Во 2001 година, Костењук стигна до финалето на СП (64 шахистки), каде што загуби од Кинезинката Зу Чен. Седум години подоцна, во 2008-та, таа го победи кинеското шаховско чудо Хои Јифан во финалето и стана светска првенка, титула што ја поседуваше до 2010 година. Сега таа го победи последниот предизвикувач за светската круна и со тоа обезбеди место на Турнирот на кандидатките, каде што ќе се бори со уште седум ривалки за да го добие правото да ја предизвика светската првенка Ју Венјун од Кина.
На машкиот СК (206 шахисти), засега само Русинот Сергеј Карјакин се пласира во финалето, откако во полуфиналето го совлада сонародникот Владимир Федосеев, со 1,5-0,5. Вториот финалист ќе се бара помеѓу светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, и Полјакот Јан Криштоф-Дуда, кои вчера играа дополнителен тајбрејк со забрзано темпо, откако резултатот во регуларниот дел беше 1-1 (две ремија). Најдобрите двајца на турнирот (покрај Карлсен) ќе се квалификуваат на Турнирот на кандидатите во 2022 година.