Едно од најстарите спортски натпреварувања во светот, традиционалната трка во веслање помеѓу британските универзитети Кембриџ и Оксфорд, годинава нема да се одржи поради пандемија на коронавирус, соопштија организаторите на трката на осмерци.
– Поради досега незабележаната ситуација во државата, откажувањето на оваа славна трка е единствената правилна одлука што ја донесовме исклучиво поради загриженост за здравјето на двете посади, нивниот помошен персонал, волонтерите и публиката – се вели во соопштението.
Годинашнава машка трка е 166-та по ред, a женската е 75-та. Двете трки беше предвидено да се одржат на 29 март на лондонската река Темза. Првата машка трка е одржана во 1829 година, а од 1856 година се одржува секоја година, освен во времето на светските војни. Во досегашните трки, универзитетот Кембриџ е за нијанса поуспешен, славел во 84 трки, Оксфорд победил 80 пати, а само трката во 1877 година била прогласена за нерешена.