Динг Лирен

Лирен, кој се смета и за еден од фаворитите на турнирот во Русија, се подготвува дома, Ванг е во Токио, а и двајцата ги откажале планираните подготовки во посебен камп. ФИДЕ информира дека на кинеската делегација ѝ е издадена виза наменета за спортски, културни или научни цели

Кинеските велемајстори (ВМ) Динг Лирен, моментно трет играч во светот, и Хао Ванг (14-ти), сепак, ќе бидат дел од претстојниот Турнир на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах во Екатеринбург, Русија (15 март-5 април). Делумната забрана на Русија за патници од Кина, која стапи во сила вчера, нема да се однесува на двајцата кинески шахисти и покрај актуелната состојба во светот со ширењето на коронавирусот. Ова го изјави генералниот директор на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Емил Сутовски.

ФИДЕ информира дека на кинеската делегација ѝ е издадена виза наменета за спортски, културни или научни цели, па тие не треба да имаат никакви пречки при влегувањето во Русија иако им било советувано да пристигнат порано.
– Кинеската шаховска федерација планира да ја испрати својата делегација порано. Беше закажано за 1 март, но сега размислуваат да пристигнат уште порано – додава Сутовски.

Пред девет дена организаторот на турнирот ја информира Кинеската шаховска асоцијација дека е препорачливо Лирен и Ванг порано да пристигнат, затоа што Екатеринбург спроведува строга карантинска политика за луѓето што доаѓаат од Кина. Според последните информации, Динг планира да патува директно од Кина, а Ванг е уште во Токио и оттаму ќе бара виза за Русија. Новиот вирус во Кина влијаеше на подготовките на кинеските шахисти. И двајцата истакнаа дека ги откажале планираните подготовки во посебен камп. Лирен (27), кој се смета и за еден од фаворитите за победа на турнирот, во моментов се подготвува дома во градот Венжу, каде што живее. Крајбрежниот град во југоисточната провинција Жејанг (800 км оддалечен од Вухан, епицентарот на коронавирусот) има девет милиони жители, од кои околу 300 се хоспитализирани од вирусот.

На Турнирот треба да настапат и Кирил Алексенко (Русија), Фабијано Каруана (САД) Аниш Гири (Холандија), Александар Гришчук (Русија), Јан Непомнијашчи (Русија) и Тимур Раџабов (Азербејџан). Турнирот ќе биде двокружен (14 кола), а победникот ќе стекне право да го предизвика светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, во втората половина на годинава.