Надежта дека спортот и спортските натпреварувања наскоро ќе продолжат во САД се сруши по веста дека голем број спортисти се позитивни на ковид-19, во пресрет на закажаните продолжувања на натпреварувањата

Во последните два-три дена позитивни спортисти на ковид-19 се пријавени во Големата фудбалската лига (МЛС), Националната фудбалска лига (НФЛ), Националната хокеарска лига (НХЛ) и бејзбол-лигата (МЛБ). Голф ПГА-тур, кој започна минатата недела по тримесечна пауза исто така го потврди својот прв позитивен тест, Американецот Ник Ватни.
МЛС-лигата е предвидено да продолжи на 8 јули со турнир во стилот на СП на кој ќе учествуваат сите 26 клуба, додека, пак, НБА-лигата треба да продолжи кон крајот на јули, а сезоната би завршила на 12 октомври. Меѓутоа во четвртокот, водечкиот американски претставник за здравство, д-р Ентони Фаучи, го доведе во прашање почетокот на сезоната во НФЛ, со оглед на вториот бран на зараза.

Поради пет позитивни наоди на корона-тестовите, бејзбол-тимот Филаделфија Филис, го затвори тренинг-центарот „Клиривотер“ во Флорида, а истото го направија и Торонто Блу ајс. Откако тројца хокеари биле позитивни на тестот за коронавирус, затворена е и арената во која тренира НХЛ-тимот Тампа.
Раководството на НХЛ во петокот објави дека од 8 јуни, откако на клубовите им било дозволено да тренираат, тестирани биле повеќе од 200 играчи, а 11 од нив биле позитивни.

Дури и од боречкото првенство (УФЦ), кое беше меѓу првите спортови во САД, кое продолжи со натпреварувањата во Џексонвил, Флорида, на 9 мај, најавија дека размислуваат за прекин откако започна да расте бројот на заболени спортисти.