Најмладата, 15-годишната Гоф, ја елиминира највозрасната, 39- годишната Венус Вилијамс, во првата рунда на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен

Најмладата, 15-годишна Американка Коко Гоф, повторно ја доби битката против највозрасната, 39-годишната Венус Вилијамс, и се пласира во второто коло на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен со триумфот од 7-6, 6-3, покажувајќи дека минатогодишната победа на Вимблдон не беше случајна.

– Мислам дека мојата мисија е да бидам најдобра. Тоа е мојата цел, да освојам што е можно повеќе гранслем-турнири. На мечот со Венус мојата мисија беше да победам. Бев посигурна сега, мислам дека се навикнав да играм на големи терени, така што многубројната публика не ме исплаши како минатиот пат на Вимблдон. Беше тешко, Венус играше добро, јас бев малку нервозна, па и шокирана кога ја видов ждрепката, но мило ми е што успеав да го поминам првото коло – рече Гоф.

За Гоф, која мораше да игра квалификации за Вимблдон, а потоа на САД опен лани влезе со вајлд-карта, ова е прв настап во Мелбурн и прв во главната ждрепка на гранслем-турнир. По поразот во четвртото коло на Вимблдон од подоцнежната шампионка, Симона Халеп, Гоф загуби во третото коло во Њујорк од бранителката на титулата, Наоми Осака. Првата турнирска победа таа ја забележа во Линц, Австрија, лани во октомври. Сега Гоф е на 67-то место на ВТА-листата, откако 2019 година ја почна на 686-та позиција.

Натпреварот се одигра на арената „Маргарет Корт“ со капацитет од 7.500 места, еден од трите терени со подвижен покрив. Но наместо лошиот воздух, поројниот дожд во Мелбурн на првиот ден од турнирот создаде многу проблеми, па беа прекинати девет и одложени повеќе од 20 натпревари.