Матијас Маер

Маер, двократниот олимписки шампион, е еден од деветтемина скијачи што победувале во спуст и во супервелеслалом во Кицбил, на легендарната и најтешка скијачка патека на светот

Славје на Австријците по триумфот на Матијас Маер (29) во спуст, на 80-то издание на легендарната, најтешка и најспектакуларна скијачка патека на светот на планината Ханенкам над Кицбил. Маер, кој беше второпласиран во супервелеслаломската трка на истата патека, е првиот австриски скијач што победува во Кицбил, по Ханес Рајхлт во 2014 година.

Маер, двократниот олимписки шампион во спуст од Сочи 2014 и во супервелеслалом од Пјонгчанг 2018, е еден од деветтемина скијачи што победувале во спуст и во супервелеслалом (во 2017-та) во Кицбил. Од активните скијачи во спуст и во супервелеслалом, во Кицбил победувале само Кјетил Јансруд од Норвешка и Доминик Парис од Италија.

– Нема ништо поубаво отколку да поминете најбрзо на целната рамнина пред тие илјадници луѓе. Навистина е неверојатно чувството – рече Маер по осмата победа во кариерата во Светскиот куп (СК), за која доби парична награда од 100.000 евра.
Во Кицбил, по традиција, покрај патеката имаше неколку десетици илјади гледачи, а трката ја следеа и голем број познати лица од спортот и од шоу-бизнисот. Годинава првпат по повлекувањето се појави Линдзи Вон, како гледачка и инспекторка на патеката.

– Се чувствувам како по некаков лош прекин на сентиментална врска, па затоа ќе ми треба малку време и простор да се навикнам скијањето да го следам од страна. Тешко е затоа што секојпат кога гледам трки, ме потсетува на она што ми недостига. Полесно ми е да ги гледам машките отколку женските трки – изјави Вон.