Таа е осма Американка што го освои признанието на ВТА за тенисерка на годината, приклучувајќи им се на С. Вилијамс, Навратилова, Давенпорт, Остин, Еверт, В. Вилијамс и на Капријати

ИЗБОР НА ВТА

Американката Софија Кенин (22) е избрана за тенисерка на годината во изборот на ВТА, пишува „Ројтерс“. Таа ја освои својата прва титула во сингл на еден гранслем-турнир, во јануари на Австралија опен. Кенин ја победи светската тенисерка број 1, Австралијката Ешли Барти, во полуфиналето и освојувачката на два гранслем-трофеи Гарбине Мугуруза во финалето за да ја освои титулата во Мелбурн.
Кенин, која стигна и до финалето на Ролан Гарос во Франција и ја заврши сезоната на четвртото место на ВТА-листата, е осма Американка што го освои признанието на ВТА за најдобра тенисерка на годината, приклучувајќи им се на Серена Вилијамс, Мартина Навратилова, Линдзи Давенпорт, Трејси Остин, Крис Еверт, Венус Вилијамс и на Џенифер Капријати.
Ига Свјонтек, која стана првата тенисерка од Полска што освоила титула во сингл на гранслем-турнир, кога ја победи Кенин во финалето на Отвореното првенство на Франција, беше избрана за тенисерка со најголем напредок годинава.
Французинката Кристина Младеновиќ и Унгарката Тимеа Бабош беа избрани за најдобри во конкуренција на двојки, откако ги освоија гранслем-титулите на Австралија опен и на Ролан Гарос.