Ова е првпат лесно да победам на овие турнири и е мојот најдобар настап, рече Карлсен по триумфот

ШАХ – ИНТЕРНЕТ-СЕРИЈА ВО ЗАБРЗАН ШАХ

Актуелниот светски шаховски првак, Магнус Карлсен, победи на последниот редовен интернет-турнир во забрзан шах Аимчес (16 играчи) од годинашната серија на шампионите (15 минути по играч), по што ќе следува завршниот финален турнир. Во претходните квалификациски дуели и нокаут-фазата, во финалниот меч, по речиси безгрешен настап, против Русинот Владислав Артемиев (23) со 2,5-1,5 и 2,5-0,5, Карлсен ја освои и наградата од 30.000 долари. Норвежанецот, кој во полуфиналето го елиминира Ерменецот Левон Аронијан, победи на три од досегашните осум вакви турнири (заработи вкупно 215.370 долари) и е прв на табелата, пред финалниот турнир (300.000).
– Се чувствувам одлично, а играв побрзо и посигурно Ова е прв пат лесно да победам на овие турнири и е мојот најдобар настап – рече Карлсен, кого и љубителите на шахот во Македонија ќе имаат можност да го видат месецов во Струга, кога ќе игра на Европскиот клупски куп (ЕКК).
Артемиев, беше импресивен во оваа серија турнири, оти одигра само три, оствари две финалиња и едно полуфинале и како осмопласиран обезбеди настап во финалето, за разлика од некои што играа шест-седум турнири и пак не се квалификуваа. Финалето ќе се игра од 25 септември до 3 октомври годинава.
Вкупен пласман: Магнус Карлсен, Весли Со, Левон Аронијан, Тимур Раџабов, Аниш Гири, Јан Непомнијашчи, Хикару Накамура и Владислав Артемиев.