Магнус Карлсен и Јан Непомнијашчи

Карлсен стана светски првак во 2013 година и потоа трипати ја одбрани. Непомнијашчи победи на Турнирот на кандидатите за светски првак
и првпат ќе игра за планетарната титула. Наградниот фонд за мечот што почнува в петок изнесува два милиона евра, се играат 14 партии, ако биде нерешено следуваат дуели со забрзано темпо на игра

ШАХ

Уште четири дена остануваат до почетокот на првата партија од мечот за титулата светски првак во класичен шах, помеѓу актуелниот светски шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен, и предизвикувачот, Русинот Јан Непомнијашчи, во Дубаи (ОАЕ). Мечот првобитно беше планиран на 20 декември 2020 година во Дубаи, но беше одложен поради ковид-19.
Карлсен, кој стана светски првак во 2013 година, кога го победи тогашниот светски владетел, Индиецот Вишванатан Ананд, е познат како еден од најголемите шаховски таленти што некогаш играле, велемајстор станал на 13 години, четири месеци и 27 дена. Тој освои голем број турнири, континуирано е играч број еден во светот од 2011 година и оствари највисок рејтинг во шаховската историја.
Непомнијашчи е двократен руски шампион, кој заврши втор на Гранпри-турнирот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) во 2019 година, со што се пласира на Турнирот на кандидатите за светски првак, кој почна во март 2020, а заврши во април 2021, победувајќи со 8,5 поени од 14 партии. Непомнијашчи научил да игра шах на четири години и брзо покажал дека се работи за голем талент. На седум години бил кандидат за титулата мајстор, а во раните години освоил неколку европски титули, кога успеал, меѓу другите, да го победи и Карлсен, кој, пак, подоцна почнал да игра шах.

Карлсен ја освои светската круна со победата над Ананд во 2013 во Ченаи, Индија, и успешно ја одбрани против истиот ривал во 2014 година, потоа и против Русинот Сергеј Карјакин во 2016-та и против Американецот Фабијано Каруана во 2018 година. Негова желба е да остане што подолго без прекин на врвот, а тоа е и еден од рекордите во кои сака да го достигне Каспаров (владеел од 1985 до 2000 година).
Наградниот фонд за мечот за светската титула изнесува два милиони евра. Победникот ќе заработи 60 отсто, а 40 отсто ќе му припаднат на поразениот. Ако биде нерешено по 14-те кола, ќе следуваат партии со забрзано темпо на игра, но тогаш победникот ќе добие 55 проценти, а поразениот 45 отсто од наградниот фонд.
По 17 години, повторно се предвидени 14 партии во трката за титулата. Ќе се игра со темпо од 120 минути за 40 потези, плус 60 минути за следните 20, плус 15 минути до крајот на натпреварот и плус 30 секунди по секој одигран потег, почнувајќи од 61-от, по играч. Претходните два натпревара, во 2016 и во 2018 година, се играа со темпо од 100 минути, потоа 50 минути…, во 12 натпревари.

Непомнијашчи (прв од десно) и Карлсен (втор од десно) со трофеи на турнир во 2002 година

Русинот поуспешен во класичен шах, Норвежанецот вкупно

Јан Непомнијашчи досега има повеќе успех од повеќето шахисти што играле против Магнус Карлсен. Двајцата се родени во 1990 година и играле трипати на младински првенства од 2002 до 2003 година, при што Непомнијашчи победил двапати.
Тој, исто така, го победил Карлсен на познатиот турнир во Вајк ан Зе во 2011 година и на силниот турнир во Лондон во 2017 година. Вкупниот биланс на Непомнијашчи против Карлсен во класичен шах е четири победи, еден пораз и осум ремија. Последната партија на турнирот во Ставангер, Норвешка, (во септември годинава), завршила со реми.
Во вкупниот резултат помеѓу двајцата играчи, земајќи ги предвид и партиите во забрзан и во брз шах, Карлсен моментно води со 23-14 во победи и 40 ремија. Тие се натпреваруваат помеѓу себе од 2002 година, со првата партија одиграна на Европското првенство за шахисти до 12 години.


За светската титула се игра од 1886 година

Натпреварите за титулата светски првак во шах имаат долга традиција и досега 20 шахисти ја имале планетарната титула. Првиот официјален дуел се одржал во 1886 година помеѓу Вилхелм Штајниц и Јоханес Цукерторт. Во мечевите што се играле во САД (во Њујорк, Сент Луис и во Њу Орлеанс), Штајниц триумфирал со 10-5 во победи (се играло до 10 победи) со пет ремија и станал првиот официјален светски шаховски шампион.