Финалето на интернет-турнирот во забрзан шах беше мошне брзо, возбудливо и напнато, а форматот се покажа како откритие: притисокот е засилен, грешките се зголемуваат. Никогаш шахот не личел повеќе на адреналински спорт. Британскиот „Гардијан“ го спореди со т.н. Ел класико во фудбалот, а шпанскиот коментатор направи секоја неверојатна комбинација на таблата да звучи како еврогол на Лионел Меси

Во светот кога моментално речиси никаде не се постојат спортски натпреварувања поради пандемијата на коронавирусот, преку интернет се одигра шаховски турнир, чие финале беше како т.н. Ел класико во фудбалот, пишува британскиот „Гардијан“ во анализата на турнирот. Во финалето на турнирот во забрзан шах (двапати по 15 минути, плус 10 секунди по секој потег), се сретнаа актуелниот светски првак во класичен, забрзан и во брз шах, Норвежанецот Магнус Карлсен и Американецот Хикару Накамура, моментално највисокорангираниот шахист во брз шах.Дуелот од четири партии беше мошне брз, возбудлив и напнат. Кога Карлсен го победи Фабијано Каруана за светската титула во класичен шах во 2018 година, партиите траеја и по седум часа. Но во забрзан шах мечот завршува за помалку од еден час. Форматот се покажа како откритие: притисокот е засилен, грешките се зголемуваат. Често компјутерската процена на позициите личеше на осцилации, на графичкото претставување имаше замавнување од едната до другата страна. Никогаш шахот не личел повеќе на адреналински спорт. Дуелот го доби Карлсен со 2,5-1,5.

– Долго време не сум чувствувал ваква напнатост додека играв и воопшто не беше пријатно за играчите – рече Карлсен по завршувањето на турнирот, на кој настапија осум врвни шахисти.
Но зад сцената се одигруваше уште една тивка борба, онаа за популаризација на шахот. Според организаторот, на шаховскиот сајт „Чес24“, повеќе од 10 милиони луѓе го гледале турнирот. Во меѓувреме, сајтот „Чес“ ја надмина бројката од 35 милиони члена, кои играат повеќе од пет милиони партии дневно. Уште една популарна веб-страница, „Личес“, има околу 60.000 луѓе што играат шах во секое време, пишува „Гардијан“. За популаризацијата на шахот веројатно помогнаа и коментаторите за време на преносите во живо, а шпанскиот коментатор направи секоја неверојатна комбинација на таблата да звучи како еврогол на Лионел Меси, пренесе „Гардијан“.

– Не би можел да кажам дали брзиот шах би можел да стане адреналински спорт, но секако дека е повозбудлив од класичниот. Брзиот шах е најинтересен за гледање, но неговиот квалитет е послаб. Сепак, мислам дека иднината на шахот е во брзите темпа на играње – вели интернационалниот мајстор Филип Панчевски.
Интернационалниот мајстор Орце Данчевски вели дека со оглед на малото време за размислување, брзиот шах би можел да биде адреналински спорт.

– Јас сум повеќе за него, оти е многу интересен и динамичен, а и публиката може да ужива, ама сето тоа е во рамките на забавата и се случува токму сега во карантинов, кога и има многу турнири со забрзано и со брзо темпо. Но вистинската убавина на шахот, според мене, е со стандардното темпо на размислување. Би го искористил брзопотезниот шах да донесе некаква бенефиција, а духовното и вистинското шаховско задоволство се добива во класичниот шах – вели Данчевски. Г.И.