Најдобриот шахист на денешницата, светскиот првак Магнус Карлсен, имаше доминантен настап и на четвртиот интернет-турнир насловен „Легендите на шахот“, победувајќи го со импресивна игра во финалето и во двата натпреварувачки дена (4-2 и 2,5-1,5 во поени) Русинот Јан Непомнијашчи, со што освои 45.000 долари. Карлсен победи на три од вкупно четирите одиграни турнири од оваа интернет-турнеја насловена „Магнус Карлсен“ (на првиот, третиот и четвртиот), а вредна вкупно еден милион долари, додека на вториот турнир славеше Русинот Данил Дубов.

Идејата за оваа серија турнири преку интернет беше токму на самиот Карлсен, поттикната од четиримесечната криза поради пандемијата на коронавирусот и одложувањето на шаховските турнири. На секој турнир од оваа серија настапуваа шахисти поделени во две групи, од кои првите четворица од двете групи продолжуваа по нокаут-систем. Се играше со темпо 15 минути за сета партија, плус 10 секунди по секој потег, а не беа дозволени ремија пред 40-от потег. Секој дуел се играше во два поединечни дена од по четири партии, а ако беше 1-1, тогаш се играше и трет ден.
На прашањето како се чувствува по играњето толку многу интернет-шах, светскиот првак кратко прокоментира.

– Јас сум само зависник од него. Едноставно го сакам шахот – нагласи Норвежанецот.
Според правилата на оваа турнеја, четворицата победници на турнирите одиграни од април до август се квалификуваа во големото финале, кое почнува в недела. Бидејќи Карлсен победи на три турнири, а Дубов на еден, двајца играчи што не победија, а имаа најдобар пласман од поразените, стекнаа можност за настап во големото финале, односно им се придружија на Карлсен и на Дубов. Двојките за завршницата веќе се познати, па, така, Карлсен во полуфиналето ќе игра против Кинезот Динг Лирен, додека Русинот Дубов со Американецот Хикару Накамура.