Моментот кога Карлсен (десно) победи во финалето

Шаховскиот гениј од Норвешка истовремено светски првак во класичен, забрзан и во брз шах беше и во 2014 година, а сега титулите ги обедини на СП во Русија

Шаховскиот гениј од Норвешка, Магнус Карлсен, изминатата деценија ја заврши во голем стил. Тој, пак, е сопственик на три светски титули истовремено (класичен, забрзан и брз шах), но и со највисок играчки рејтинг на листата на ФИДЕ во сите три категории. По 2014 година одново ги обедини титулите на Светското првенство (СП) во забрзан и во брз шах, во Русија, на истекот на 2019 година. Карлсен од 2013 година е светски првак во класичен шах.

Карлсен четврти пат ја освои светската титула во брз шах (време за размислување три минути, плус две секунди по секој потег), трипати беше светски првак во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди по секој потег), додека во класичен шах трипати ја одбрани титулата, така што може да се пофали со вкупно 11 светски круни. Предновогодишниот триумф беше негов 10-ти во 2019 година.

– Многу сум среќен. Повторно сум со тројна круна. Беше тешко, посебно тајбрејкот, сите прават грешки, но на крајот резултатот е важен – изјави Карлсен, кој од вкупно 36 партии загуби само од Дмитри Андрејкин (во забрзан шах).

Карлсен во драматична завршница ја одбрани титулата во брз шах (206 учесници од 44 држави, 158 велемајстори). По 21 коло тој освои 16,5 поени, колку што имаше и Американецот Хикару Накамура, па победникот се решаваше во тај-брејк (двајцата поделија по 55.000 долари), во кој Карлсен славеше со 1,5-0,5. Накамура со второто место го повтори ланскиот успех, а Русинот Владимир Крамник беше трет, она што му успеа и во 2015 година. Сепак, беше интересно да се гледа 14-от светски првак во класичен шах, оти во јануари годинава се повлече од класичниот шах и оттогаш одигра само неколку партии на побрзи временски контроли.

Кај шахистките во брз шах (122 учеснички од 45 држави), по 17 кола, победи Русинката Катерина Лагно со 13 поени, пред Украинката Ана Музичук со 12,5 и Кинескињата Жонгуи Тан со 12. Два дена претходно, Карлсен и Индијката Хампи Конеру станаа светски прваци во забрзан шах.


СИТЕ ТИТУЛИ НА КАРЛСЕН
ГОД. ШАХ
2013 класичен
2014 класичен, забрзан, брз
2015 класичен, забрзан
2016 класичен
2017 класичен, брз
2018 класичен, брз
2019 класичен, забрзан, брз