Фабијано Каруана

Светскиот првак Магнус Карлсен (2.881 рејтинг-поени) триумфира на силниот интернет-турнир во забрзан шах (10 минути, плус 5 секунди за секој потег по играч), откако во финалето (играно во два дена) минимално го победи вториот шахист на светот, Американецот Фабијано Каруана (2.773) со 9,5-8,5, со што ја освои наградата од 50.000 долари, плус 25.000 бонус, додека Каруана заработи 56.000 долари. На овој силен интернет-турнир (награден фонд од 265.000 американски долари), чиј домаќин беше ШК Сент Луис од САД, настапија осум врвни шахисти, а се играше по нокаут-систем.

На турнирот покрај Карлсен и Каруана, играа уште Французинот Максим Вашер-Лаграв, Русинот Александар Гришчук, Ерменецот Левон Аронијан, како и Американците Весли Со, Лениер Домингез и Џефри Шонг.
До победата против Каруана, Норвежанецот не дојде лесно. Освен првите две и осмата партија, кои завршија со реми во преостанатите се играше бескомпромисно и имаше победник. Првите четири партии се бодуваа по еден поен за победа, 5-та и 6-та со по два, а 11-та и 12-та со по три поени. Пред почетокот на последната партија, Каруана имаше два поена предност (победи во 11-та), така што само победа го спасуваше Карлсен за триумф. И, Норвежанецот победи.

– Знаев дека ако го држам под притисок противникот, тогаш ќе имам шанса за победа. Начинот на кој работите се одвиваа во последниот дуел беа сон за мене, но на крајот успеав да го освојам турнирот. Според начинот на кој игравме денес и тој заслужи да победи. Каруана направи големи чекори во брз и забрзан шах – рече Карлсен.
До финалето, Карлсен ги елиминира Шонг (11,5-6,5) и Аронијан (10-4), а Каруана беше подобар од Домингез (10,5-7,5) и Со (8,5-7,5).