Павлов со тренерот Арсовски

Во финалната борба, тој го победи Италијанецот Анџело Креченцо (5-4), светски првак од 2018 и двократен европски вицепрвак (2018 и 2019)

Најдобриот македонски каратист во борби, двократен европски првак (2014 и 2018) и двапати трет (2016 и 2019-та), Емил Павлов (категорија до 60 кг), ги освои првото место и златниот медал во престижната Премиер-лига, викендов во Салцбург (Австрија), со пет победи во низа. Во финалната борба, тој го победи Италијанецот Анџело Креченцо, светски првак од 2018 и двократен европски вицепрвак (2018 и 2019-та). Павлов трипати бил прв во оваа Лига (Салцбург 2013, Москва 2018) и двапати втор (Дубаи 2018, Салцбург 2016), што значи дека токму за австрискиот град го врзуваат убави спомени.

За Штипјанецот противникот не беше непознат, оти токму во финалето на ЕП во Србија 2018-та го совлада со 3-1. За силината на Италијанецот доволно говори фактот што тој моментално е трет на ранг-листата за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава (8.100 поени), а Павлов е 29-ти (2.332). Со освоените 990 бода (под услов преостанатите ривали да не освојат многу бодови), Павлов би скокнал на високото 16.-17. место (3.320 поени).

Павлов и во полуфиналето оствари голема победа совладувајќи го моментално водечкиот на олимписката ранг-листа за ЛОИ (9.817), Казахстанецот Дархан Асадилов со 2-1, кој шест пати победувал во Премиер-лигата (лани имал дури пет триумфи), а по трипати завршил како втор и трет. Тој е светски јуниорски првак (2008) и бронзен на СП за сениори (2018)

Од преостанатите македонски претставници, Петар Спасеновски (до 84 кг) и Вероника Костовска (до 61 кг) беа блиску до медал, но на крајот, завршија на седмото место, додека Фахик Весели беше деветти.
Следниот турнир од Премиер-лигата е во Рабат, Мароко (од 13 до 15 март), а потоа следува и Европското првенство (ЕП) во Баку, Азербејџан (од 25 до 29 март).