Берат Јакупи во елемент

Македонскиот каратист Берат Јакупи се закити со сребро од настапот во Премиер-лигата, што е втор медал годинава во ова престижно натпреварување, по среброто на Емил Павлов во Дубаи

Македонскиот каратист Берат Јакупи (до 84 кг) постигна голем успех освојувајќи го второто место, сребрениот медал (и нови 690 поени), на годинашнава Премиер-лига, која се одржа викендов во турскиот град Истанбул, во конкуренција на 620 каратисти од 200 клуба од 63 држави, во пет категории во дисциплините борби и кати.
Ова за македонското карате е втор медал во оваа престижна лига, по оној на Емил Павлов во Дубаи (ОАЕ), што само уште еднаш покажува дека македонското карате продолжува со континуираното освојување медали на силните турнири, како и на европските и светски првенства, што само може да радува пред Летните олимписки игри во Токио во 2020 година, каде што каратето првпат ќе влезе во семејството олимписки спортови. Македонија досега има 13 медали во борби и еден во кати, една бронза од СП во борби и две бронзи во борби од 1. Европски игри во Баку, Азербејџан, итн.
Во финалниот дуел македонскиот репрезентативец загуби со 3-7 од Иранецот Махди Ходабахши. На патот до среброто Јакупи ги елиминира Французинот Меди Сесина (7-2), Мерис Муховиќ од БиХ (2-0), Турчинот Угур Акташ (2-0), Шпанецот Запата Аренс (2-0), а во полуфиналето Иранецот Забиолах Поршаб, по изјаснувањето на судиите, откако резултатот беше 3-3 во регуларниот дел.
Од преостанатите осуммина македонски каратисти во Истанбул, Моника Стефановска (категорија до 68 кг) загуби во 1-то коло од Австралијката Ребека Саливен (0-5), Јована Георгиева (до 55 кг) од Австријката Јулија Рајтер (0-2), Ненад Ќелебиќ (до 67 кг) од Грузиецот Давит Патаридѕе, по изјаснување (0-0), Ферат Корбулиќи (до 75 кг) од Естонецот Павел Артамонов (0-8), Петар Спасеновски (до 84 кг) од Иранецот Али Фадакар (0-2) и Мартин Несторовски (над 84 кг) од Белорусинот Алексеи Водчик (1-4). По една победа остварија Петар Заборски (до 75 кг), кој го победи Казахстанецот Иса Разболов (2-1), а загуби од Англичанецот Џое Келавеј (3-6), додека Енес Смаилагиќ (до 73 кг) го совлада Турчинот Мурат Оз (0-0) по изјаснување на судиите, а потоа загуби од Тајванецот Веи-Чун Хсу (0-4).
Досега изминаа пет вакви турнири (Париз, Дубаи, Ротердам, Рабат и Истанбул), а до прогласувањето на најдобрите годинава остануваат уште турнирите во Берлин (14-16 септември) и во Токио (12-14 октомври).