Тенисерите настојуваат да ги приспособат својата игра и тениската опрема (како, на пример, затегнатоста на жиците) на поинаквите услови што владеат во оваа доба од годината, во споредба со вообичаениот термин за турнирот, во мај и јуни, кој беше сменет поради пандемијата на коронавирусот

Со оглед на тоа што тенискиот гранслем-турнир Ролан Гарос почна на крајот на септември наместо во мај, поради пандемијата на ковид-19, на него годинава има неизбежни разлики, а една од нив е времето. Во студени и влажни услови во Париз, играчите даваа сѐ од себе да играат добро. Александар Зверев играјќи на својот прв турнир по финалето на САД опен на тврд терен, ја приспособи својата тениска опрема на студената земјена подлога, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница.
– Затегнав помалку отколку што го направив тоа во Њујорк. Тоа е доволно – рече Зверев, мислејќи на затегнатоста на жиците на неговиот рекет.
Тоа ги прави жиците полабави за да создадат „ефект на трамбулина“. Колку се полабави жиците на рекетот, толку играчот добива повеќе сила, колку е позатегната жицата, пак, толку повеќе тој има контрола во движењето и свртувањето на топчето, пишува АТП. Зверев не е единствениот што ги олабави жиците. Потешките условите на Ролан Гарос можеби изгледа дека влијаат на моќната игра на 21-от носител, Џон Изнер, но тој рече дека не мора да е така.

– Со оглед на тоа каква е земјата сега, мислам дека речиси ми помага во смисла дека играчите што навистина добро се движат не можат да лизгаат по теренот како обично, оти земјата е навистина влажна. Некако се играше како на бавен тврд терен. Тешки се условите, но навистина не ми пречи – рече Изнер.
Има и тенисери што се во можност да ја приспособат својата игра на потешките услови.
– Сигурно дека тука се тешки условите. Бавно, студено, сосема поинакво од вообичаеното. Но мислам дека играм добро, ги користам тие тешки услови за, сепак, да играм моќен тенис – вели Станислас Вавринка, првак од 2015 година.
Друг ефект што го има сегашното време во Париз е намалување на отскокнувањето на топчето од површината. Некои играчи удираат со силен т.н. топ-спин за да ги натераат противниците да го удираат топчето од повисоко од нивната вообичаена зона на удар. Но според некогашниот светски рекет број 4, Кеи Нишикори, топчето не отскокнува од теренот како вообичаено.
– За мојата игра мислам дека е подобро топчето да лета, затоа што сакам да играм побрзо, да го завршам поенот малку побрзо од другите. Но сигурно дека има помалку отскокнување – изјави Нишикори, пренесе АТП.

Аргентинецот Диего Шварц­ман играше вечерен меч во слични услови како на неодамна завршениот турнир во Рим против Шпанецот Рафаел Надал.
– За мене, играњето навечер, по дожд и под рефлектори, беше слично на Рим, така што се чувствував одлично на теренот. За мене, условите беа навистина добри. Мора да се приспособиме на овие услови и да се обидеме да дадеме сѐ од себе на теренот – рече Шварцман.
Без оглед кој ужива во условите, а кој не, сите играчи треба да се справат со истите околности, пишува АТП. 


ВТОР НАЈДОЛГ ДУЕЛ ВО ИСТОРИЈАТА НА РОЛАН ГАРОС

Меч од шест часа, од тоа три само за решавачкиот сет

Италијанскиот тенисер Лоренцо Густино забележа победа во вториот најдолг меч на гранслем-турнирот Ролан Гарос, а осми во историјата на тенисот. Тој победи по шест часа и пет минути игра против Французинот Корентан Моте со 0-6, 7-6, 7-6, 2-6, 18-16. Мечот почна во неделата, продолжи во понеделникот, а заврши во вечерните часови. Првиот сет се играше 28 минути, а петтиот три часа. Најдолгиот меч на овој турнир бил одигран во 2004 година помеѓу Французите Арно Клеман и Фабрис Санторо, кој траел 6:33 часа (петти сет 16-14). Воопшто најдолгиот меч во историјата на тенисот траел 11 часа и 5 минути, на Вимблдон во 2010 година, кога Американецот Џон Изнер го совладал Французинот Николас Мау (петти сет 70-68).