Лесевски е еден од ретките скијачи и тренери што најдолго останаа во белиот карван и беше предводник на македонските репрезентативци на шест ЗОИ

ИВАН ЛЕСЕВСКИ (2)

Ако некој може да се пофали дека целиот живот го поминал во спортот, а и својата егзистенција ја обезбедил преку него, тоа е секако Иван Лесевски. Тој и денес е вклучен во организирањето на многубројните манифестации на Сојузот на спортовите на Скопје и на Скијачката федерација на Македонија. Во минатото познат како скијач, кој почна да се натпреварува уште од својата десетта година, потоа тренер и селектор на македонската репрезентација, па сѐ до функцијата генерален секретар на Сојузот на спортовите на Скопје. Во долгиот период како активен алпски скијач, тој се занимаваше и имаше одлични резултати и во скијање на вода. Со еден збор, Лесевски е комплетна спортска личност, која останува забележена во нашата спортска и олимписка историја, зашто како тренер на македонските алпски скијачи беше учесник и на шест зимски олимпијади.

ОД ПЛАНИНА НА ЕЗЕРО

На македонските скијачи, со оглед на тоа што нашата држава има многу природни и вештачки езера, лесно им беше во летниот период да ги зачуваат кондицијата и формата и да се занимаваат и со скијање на вода. Најчесто за тренинг, оние што беа од Скопје, го користеа езерото Младост кај Велес. Тоа им беше блиску, па, така, во летните месеци тие редовно го посетуваа за да ја одржуваат формата, не насетувајќи дека еден ден и во овој спорт ќе постигнуваат врвни резултати. Во почетокот сето тоа изгледаше и како разонода, за подоцна и овој спорт да им влезе во крвта и да почнат сериозно да се занимаваат со него.
– За летните тренинзи да не бидат монотони и да се состојат само во вежби и трчање, скијањето на вода ни доаѓаше некако многу интересно. Меѓутоа, во почетокот не беше лесна таа преориентација од алпското кон ова скијање на вода. Напротив, овде имаше некои финеси, кои беа многу различни од оние на кои бевме навикнати. На вода поинакво е балансирањето, потоа движењата, изведбата на кристијаните, па и некои други елементи што мораше да се совладаат. Самиот факт што двете скијања се изведуваа во различни природни услови бараше максимално фокусирање и време за адаптација. Токму од овој аспект преминот од зимското, алпско, кон летното, на вода, скијање не беше лесен. Иако се работеше за еден спорт, сепак, имаше големи разлики од едното до другото скијање – вели Иван.
Центрите во кои се одржуваа натпреварите во скијање на вода беа Велешко и Преспанско Езеро, а големо интересирање за скијањето на вода нешто подоцна пројавија и дојранци.

– Таму, нормално со асистенција на Скијачкиот сојуз на Македонија и ски- клубовите, а пред сѐ користејќи го нашето искуство, успешно организиравме и една Балканијада. На тоа време убаво се сеќавам, зашто ми се случуваше со опрема за нуркање да поминам по четири-пет часа под вода на ден. Мораше да се подготви теренот, особено да се монтираат специјалните анкери за кои требаше да биде прицврстена скокалницата. Но среќен сум што трудот не беше залуден, зашто јас и моите другари добивме пофалби од челните луѓе на балканските земји за одличната организација – вели тој.
Што се однесува, пак, до активното занимавање на Иван Лесевски со скијањето на вода, тоа траеше еден долг период од 14 години. Од 1970 година до 1984 година тој во зимите се појавуваше на снежните, а во летата го гледавме на езерските води. И тука имаше добри резултати. Негови највисоки дострели беа освоената титула младински првак на поранешна Југославија во слалом и вицешампион во скокови.
– Овие резултати ги остварив на велешкото езеро Младост, каде што всушност во најголем дел се одвиваа нашите активности во летниот период. Иако имав и други постигнувања, на пример на езерата во Словенија, сепак, победите пред своите гледачи, кои доаѓаа во голем број да нѐ бодрат, некако беа и „најслатки“ – додева Лесевски.

БЛЕСКАВА ТРЕНЕРСКА КАРИЕРА

Паралелно со скијањето, Лесевски не го запостави и учењето. Тој сакаше да се усовршува и да биде успешен тренер. Го заврши Факултетот за физичка култура, спорт и здравје и потоа „заплива“ во тренерските води. Неговите први активности беа во СК Работнички, во кој благодарение на неколку ентузијасти беа создадени услови за тренинг преку целата година.
– Така полека почнав да работам со пионерите, потоа младинците, а бидејќи повеќето мои постари колеги се повлекоа, јас ги презедов и сениорите. Всушност, тоа беа оние генерации што почнав да ги тренирам од нивното детство. Како што поминуваа времето и годините, и тие ги менуваа возрасните категории, па стигнуваа и до сениори. Јас бев вработен во СОФК- а на Скопје, па покрај тоа што ги исполнував обврските што ги бараше работното место, на некој начин бев и професионален скијачки тренер. По распадот на поранешната држава, откако Македонија стана самостојна и независна држава, како и другите спортски федерации, така и Скијачката беше примена во светското семејство и стана членка на ФИС. Така се отвори можност да учествуваме со свои скијачи не само на натпреварите на ФИС туку и на светските првенства и на олимписките игри. Од овие години почнавме многу посериозно да работиме и како федерација. Јас бев назначен за селектор и во соработка со другите тренери од клубовите се боревме да создадеме што подобри услови за работа и сериозно да размислуваме за настап и на олимпијадите – вели Лесевски.
Инаку, Македонија во Весна Дунимаглоска ја имаше првата наша зимска олимпијка во Албервил, во 1992 година. Таа настапи во составот на поранешна Југославија, како независна спортистка. Но токму тој настап на Дунимаглоска беше мотив за сите македонски скијачи да се стремат еден ден и тие да стигнат до најголемиот спортски настан.

– Имаше многу талентирани деца, но мораше сериозно да се работи. Направив една програма според која во летните месеци одевме на подготовки на глечерите, а во зимските трениравме во алпските земји, каде што всушност се организираше и најголем дел од натпреварите. Така го кревавме квалитетот на нашите скијачи и веќе бевме редовни учесници на зимските олимпијади – вели Лесевски.
Иван Лесевски во својата долга тренерска кариера на шест ЗОИ ги водеше нашите алпски скијачи. Дебито како селектор му беше во Нагано, во 1998 година. Потоа дојдоа Солт Лејк Сити, Торино, Ванкувер, Сочи и Пјонг Чанг.
Иван Лесевски, кој како скијач и тренер имаше богата кариера, може уште многу да раскажува за своите трки, доживувања, контакти со асовите и со врвните тренери. Кај него е акумулирано големо искуство и познавајќи ги состојбите во нашиот спорт, можам да кажам дека тој е еден од тренерите со најдолг стаж. Но Лесевски и понатаму не се откажува, погледите секогаш му се свртени кон планината, во која ги помина младоста и голем дел од својот живот. Ретки се таквите личности, кои и покрај многубројните проблеми што искрснуваа во текот на кариерата, остануваа верни на својата работа и никогаш не се откажуваа. Затоа, Иван Лесевски ќе биде запишан во македонската спортска историја како личност што даде голем придонес за развојот на скијачкиот спорт, а истовремено и за афирмацијата на нашите зимски центри.