Играчите се сместени во два официјални хотели или во приватен дом, со 24-часовно обезбедување. Ако некој играч го напушти „меурот“ без дозвола, ќе биде отстранет од турнирот и ќе биде казнет. Ако некој играч има позитивен тест за време на САД опен, тој ќе биде повлечен од турнирот. Линиските судии се заменети со електронски систем на сите терени, освен на два, на мечевите ќе има по три деца за враќање на топчињата, наместо вообичаените шест, натпреварувачите мора да носат маски освен ако не играат или тренираат…

ТЕНИС – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРОТ ВО ЊУЈОРК

Гранслем-турнирите во тенис денеска се враќаат на сцената, но не се такви какви што ги знаеме. Во Њујорк се игра гранслемот САД опен, што е прв од еден од четирите најголеми турнири што ќе се игра откако светот го зафати пандемијата на коронавирусот.
Тенисерите ќе се натпреваруваат пред празни трибини и според посебен протокол. Турнирот се одржува во рамките на „безбедносниот меур“, кој вклучува често тестирање и ограничувања на движењето за играчите, членовите на нивните тимови и претставниците на турнирот, пишува „Би-би-си“.
Гранслемот се игра веднаш по турнирот од серијата Мастерс 1.000, што обично се одржува во Синсинати, но се пресели во Њујорк, за да создаде „меур“ за двата турнира.
– Ова е навистина тежок тест за сите играчи. Ова е САД опен што никогаш порано не сме го виделе. Инспириран сум од можноста што ја има нашиот спорт, ние сме најголемиот меѓународен спорт што се врати на глобалната сцена – изјави за „Би-би-си“ директорот на турнирот Стејси Аластер.
Секој во рамките на „меурот“ двапати бил тестиран за коронавирус при пристигнувањето, без ниту еден играч да има забележано позитивен тест, пишува „Би-би-си“. Ако некој играч има позитивен тест за време на САД опен, тој ќе биде повлечен од турнирот, во согласност со упатствата на државата Њујорк.

Играчите се сместени или во два официјални хотели на Лонг Ајленд или во приватен дом, проверен од Американската тениска асоцијација, и со 24-часовно обезбедување, платено од тие играчи, пишува „Би-би-си“.
Линиските судии се заменети со електронски систем на сите терени, освен на терените „Артур Еш“ и „Луис Армстронг“, а на натпреварите ќе има по три деца за враќање на топчињата, наместо вообичаените шест. За турнирот немаше квалификациски рунди, нема да има турнир во мешани двојки, а турнирите во двојки во машка и во женска конкуренција се намалени на 32 екипи.
На 15 август се формира „меурот“ за да се одржат безбедни речиси илјада играчи, тренери, физиотерапевти и службени лица и да се овозможи турнирот да почне, како што беше закажано, денеска. Ако некој играч го напушти „меурот“ без дозвола, тој ќе биде отстранет од натпреварот.
На самото место, во националниот тениски центар „Били Џин Кинг“, натпреварувачите мора да носат маски освен ако не играат или тренираат. Пред да им биде дозволено да влезат во шатл-автобусот од хотелот, тие мора да пополнат здравствен прашалник и да забележат температура помала од 38 степени. Апартманите на стадионот „Артур Еш“, кои обично се полни со гости, им се ставени на располагање на првите 32 носители, а потоа и на пониско рангираните играчи ако некој од првите 32 биде поразен, пишува „Би-би-си“.


Надал и Андрееску нема да ги бранат титулите

Бранителите на титулите, Рафаел Надал и Бјанка Андрееску нема да настапат годинава на тенискиот гранслем-турнир САД опен, а нема да играат ниту светската тенисерка број еден, Ешли Барти, и шампионката на Вимблдон, Симона Халеп. На женскиот дел од турнирот само четири од најдобрите 10 во светот треба да настапат во Њујорк, а кај мажите седуммина од првите 10 на АТП-листата. На машкиот турнир нема да игра и Роже Федерер, кој закрепнува од операцијата на коленото.
Новак Ѓоковиќ (33), прв носител на САД опен, ја освои Австралија опен во јануари за 17-та голема титула, со што има две помалку од 34-годишниот Надал и три од 39-годишниот Федерер. Серена Вилијамс ќе игра за рекордната 24-та гранслем-титула, колку што има и Маргарет Корт. Вилијамс ги загуби претходните четири големи финалиња. Во женска конкуренција имаше 11 различни шампионки на претходните 13 гранслем-турнири.