Џудо-клубот од Прилеп Сеишин презеде соодветна акција за своите најстари членови ветерани

Спортисти, спортски работници и клубови од Македонија, во ова тешко време поради пандемијата на коронавирусот, се обидуваат на разни начини да помогнат и со тоа да им го олеснат секојдневието на свои сограѓани

Појавата на пандемијата на коронавирусот и новите рестриктивни мерки на изолација во Македонија, не остави рамнодушни повеќе спортисти, спортски работници, клубови, кои во ова тешко време се обидуваат на разни начини да помогнат и со тоа да им го олеснат секојдневието, пред сѐ, на постарите и изнемоштени лица. Примери има повеќе.
Џудо-клубот од Прилеп Сеишин, секако, претставува еден одличен пример што ја одразува вистинската слика на сегашноста, кога во време на коронавирусот, се неопходни помошта и хуманоста на луѓето. Во моментите кога се спроведуваат посебни мерки и ограничувања за движење поради ковид-19, клубот предводен од тренерот Дејан Мицкоски, презеде соодветна акција за своите најстари членови ветерани, со над 65 години.

– Тоа се оние луѓе на кои сега им е најпотребна помош од помладите, односно оние што би можеле да бидат најпогодени и за нив важат поригорозните мерки. Претставници на Сеишин неодамна ги посетија домовите на оваа категорија џудисти ветерани во Прилеп и им врачија пакети со помош, кои се состоеја од заштитна опрема, маски и ракавици, средства за дезинфекција, како и витамински суплементи и напитоци. Младите членови на ЏК Сеишин, исто така, се на располагање доколку им е потребно на оваа категорија лица и да им ги набавуваат неопходни намирници или лекови за нивното здравје, за да не ги напуштаат своите домови и да не се доведат во состојба на ризик. Мотото на оваа хуманитарна акција е „Децата се иднината на џудото, ветераните се бесценето искуство за џудото“. Истото сакаме да го направиме и со ветераните во Скопје – ни изјави Мицкоски.

ГоранКузмановски

Левиот ракометен бек на Еурофарм Пелистер и поранешен репрезентативец Горан Кузманоски, на социјалните мрежи почна кампања за борба против коронавирусот, со која ги предизвика и преостанатите спортисти да се вклучат активно во борбата против пандемијата.
– Како во спортот така и во животот, најважни се тимската игра, солидарноста и несебичноста. Заедно со неколку колеги преку иницијативата „Спортистите против короната“, отворивме наменска жиро-сметка за донации, кои ќе бидат наменети за здравствените работници, кои се во првите одбранбени редови, како и за социјално загрозените лица – изјави Кузманоски.И претседателот на Градскиот шаховски сојуз на Скопје, Ѓорѓи Миновски, се обидува да помогне колку што може.

– Им помагам пред сѐ на моите постари соседи, им пазарам колку што можам, со оглед на тоа што пред два месеца правев операција на синусно влакно, па моментално сум на боледување. Заедно со мојот брат, кој е во кризниот штаб, ги снабдуваме луѓето. А тие се задоволни – вели Миновски.
Искусното лево ракометно крило на Еурофарм Работник, Гоце Ојлески, одговорно ѝ пријде на најновата ситуација.

Ѓорѓи Миновски

– Со оглед на ситуацијата каква што е во целиот свет, каде што речиси сѐ е застанато, исто е и во спортот. Ние спортистите сме на принуден одмор и секако дека се грижиме за нашето здравје, но и за здравјето на нашите семејства. Моментално сум во Струга каде што живеат моите родители, кои се во онаа повозрасна категорија што е најпогодена, па затоа сум со нив, за да се грижам за нив секојдневно, да им ги вршам секојдневните обврски. Секако, не ги заборавам ниту луѓето што се во непосредната околина, ако треба одам да купам што им е потребно или некоја слична услуга. Секогаш им стојам на располагање – вели Ојлески.

 


Николовски: Како и сѐ во животот и од ова треба да извлечеме поука

Иако неколку месеци не сум во Македонија, оти работам за Тајванскиот олимписки комитет, односно сум тренер на тајвански кајак-тим, секако како и сите и ја сум засегнат со пандемијата на коронавирусот, бидејќи во Македонија се моите родители, синот и целото семејство. Често сум на телефон и се трудам максимално да ги бодрам и да им помогнам на психолошки план да го надминат овој период.

Се обидувам и со видеоповици, правам некои спортски вежби со син ми и со моите внуци, а на моите родители и другари им делам совети, оти знам како е да си затворен и да не можеш да ги извршуваш своите дневни задачи. Искрено се надевам дека ова ќе заврши за брзо време и дека ќе им се вратиме на нашите дневни обврски, но како и сѐ во животот и од ова треба да извлечеме поука. Искрено, тешко ми е што сум далеку од дома и на моите не можам да им дадам поголем придонес, но се надевам дека ова брзо ќе помине и ќе можам да дојдам во Македонија, вели кајакарот Атанас Николовски, кој беше дел од македонската олимписка репрезентација за ЛОИ 2008 во Пекинг. Г.И.; Та.Д.