Европското првенство од дивизијата Б треба да се игра од 25 до 31 јануари во Македонија, а ова првенство е од исклучително значење за македонските кадети, бидејќи со освојување на шампионатот ќе се пласираат во дивизијата А за наредното Европско првенство. Македонија е во групата А, заедно со Полска, Естонија и со Грција, а во групата Б се Швајцарија, Украина, Грузија и БиХ

РАКОМЕТ – ЕХФ ОДРЕДИ НОВИ ДАТУМИ ЗА МЛАДИНСКИТЕ ПРВЕНСТВА

Извршниот комитет на Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги потврди новите датуми за одигрување на јуниорските и на кадетските шампионати од дивизијата Б, како и кадетското Европско првенство, кои наместо во јули и август годинава ќе се одржат во јануари 2021 година.
Македонија ќе биде еден од трите домаќин на ЕХФ-шампионатите од дивизијата Б, за ракометари до 18 години, родени во 2002 и во 2003 година, а паралелно со шампионатот во Македонија од 25 до 31 јануари ќе се играат и шампионатите во Бугарија и во Црна Гора.

Ова првенство е од исклучително значење за македонските кадети бидејќи со освојување на шампионатот автоматски ќе добијат место во дивизијата А за наредното Европско првенство. Македонија ќе биде дел од групата А, заедно со Полска, Естонија и со Грција, а во групата Б ќе играат Швајцарија, Украина, Грузија и БиХ. Двете најдобропласирани селекции од секоја од групите ќе играат финале за пласман во дивизијата А.
Од 8 до 17 јануари, младинската репрезентација на Македонија од генерацијата 2000 година и помлади, ќе биде дел од шампионатот на ЕХФ, дивизија Б, кој ќе го игра во Летонија. Македонија ќе биде во група со Белорусија, Луксембург, Бугарија и со Косово, а во другата група ќе играат Романија, Турција, Грузија, Летонија, Велика Британија и Белгија.

Нов датум (од 14 до 21 јануари 2021 година) има и за кадетското Европско првенство (за играчи до 18 години), кое треба да се игра во Словенија. По откажувањето на Австрија и на Италија на домаќинството на младинското ЕП (до 20 години), за нов домаќин избрана е Хрватска и тоа првенство треба да се одржи од 7 до 17 јануари в година во Пореч.
Акцентот беше ставен на женското сениорско ЕП, кое треба да се игра во Норвешка и во Данска од 3 до 20 декември 2020 година и беа договорени мерките за намалување на трошоците, вклучувајќи и намалување на бројот на салите односно градовите што беа предвидени за домаќини на групите, со оглед на тоа што истото тоа би се играло без публика.

Меѓу другото на состанокот на Извршниот комитет, ЕХФ прифати и системот на бодување и рангирање на екипите од прекинатата сезона да биде важечки за сезоната 2021/2022. Македонија во моментов е на третото место на ранг-листата на ЕХФ. Поради откажувањето на голем број тимови од настап во Лигата на Европа и Купот на ЕХФ поради финансиските проблеми предизвикани од пандемијата на коронавирусот, Извршниот комитет го одобри предлогот со кој се дозволува федерациите рангирани од 19-то место и пониско да можат да пријават уште еден тим (четири наместо три) за европските купови за мажи и за жени во сезоната 2020/2021, до пополнување на ослободените места.