Олимпискиот стадион во 2017 беше домаќин на Светското првенство, кое имало
економски импакт врз Лондон од 79 милиони фунти, Хајд парк, каде што се одржа
финалето во триатлон, беше домаќин и на СП во 2013 година, со економско влијание од осум милиони, СП во велосипедизам донел три милиони во 2013 година,
пет милиони донело ЕП во пливање во 2016 година…

Шест години откако кралицата, Џејмс Бонд, Дејвид Бекам и Мистер Бин учествуваа на отворањето на Летните олимписки игри во Лондон, Британскиот спорт (државна институција за развој на спортот) објави дека повеќе од 130 милиони фунти биле генерирани во главниот град од спортските настани поддржани од националната лотарија и од државата (од даноците) по Летните олимписки игри и по Параолимписките игри во Лондон во 2012 година.

Бројките, исто така, покажуваат дека повеќе од 1,3 милион луѓе учествувале во 25 настани во Лондон спонзорирани од националната лотарија, пишува во статијата на интернет-страницата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Бројките не ги вклучуваат настаните одржани на спортските објекти од ЛОИ 2012, кои не биле директно спонзорирани од Британскиот спорт или тие одржани во другите делови од државата.

– Им честитаме на Лондон и на Британскиот спорт за големото наследство од Игрите, кое им додава вредност на градот и на нејзините граѓани, шест години од одржувањето на Игрите. Ова е одличен пример за тоа како ЛОИ може да ги трансформира животите и да обезбеди разновидни долгорочни бенефиции за градот – рече Кристоф Дуби, директор за олимписки игри при ИОК.

На пример, Олимпискиот стадион, на кој Усеин Болт си го зацементира местото во олимписката спортска историја, во 2017 година беше домаќин на Светското првенство, кое имаше економски импакт врз Лондон од 79 милиони фунти. Потоа, Хајд парк, каде што се одржа финалето во триатлон, беше домаќин и на СП во тој спорт во 2013 година, со економско влијание од осум милиони фунти, светското првенство во велосипедизам донесе три милиони фунти во 2013 година, пет милиони донело Европското првенство во пливање во 2016 година, во истиот базен во кој се пливаше на ЛОИ 2012 итн.

– Секој спортски објект од ЛОИ 2012 потоа беше домаќин на натпреварување од светска класа, а истовремено тие беа отворени за јавноста, овозможувајќи им на сите луѓе да ги користат истите објекти како и нивните инспиративни херои од ЛОИ и од ПОИ – вели Естер Бритен од Британскиот спорт.