Одлуката за наше учество ја донесовме на покана на ФИДЕ и нивниот проект, во чии рамки се воведува шахот во казнено-поправните институции за подобра ресоцијализација на затворениците, вели Ѓорѓи Миновски

Четириесет и три екипи од 31 држава (вклучувајќи пет женски и три тима за малолетници), ќе играат на првото Интерконтинентално онлајн-првенство за затвореници, дводневен настан што започнува денеска, на Меѓународниот ден на образованието во затворите, а ќе се игра и утре. Првенството е дел од Програмата „Шах за слобода“, започната годинава со онлајн-конференција и поканувачки Интерконтинентален онлајн-турнир во шах за затвореници во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).

– Одлуката за наше учество на ваков вид на натпреварвање ја донесовме на покана од челниците на ФИДЕ и нивниот проект „Шах за слобода”, во чии рамки се воведува шахот во казнено-поправните институции за подобра ресоцијализација на затворениците. Во рамките на тој проект се одржува и ова првенствто, кое се игра игра на четири табли со неограничен број на резерви. Во текот на летниот период организиравме турнир во казнено-поправните домови и најдобрите од тој турнир се одбрани да учествуваат. Подготовките беа извршени во тренинг-центарот во КП Идризово, а во соработка со претставници од Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и Шаховскиот Сојуз на Град Скопје. Турнирот ќе се игра онлајн на чесс.цом-платформата во девет кола, со темпо од 10 минути, плус пет секунди за секој одигран потег по играч – ни изјави претседателот на Шаховскиот сојуз на град Скопје, Ѓорѓи Миновски.

Има вкупно шест групи, а Македонија е во петата, заедно со Чешка 2, Грузија 2, Норвешка 2, Русија 2, Зимбабве, Украина 1 и Македонија. Најдобрите две екипи од секоја група (вкупно 12), продолжуваат понатаму утре. Првенството ќе се пренесува во живо и на Јутјуб-каналот на ФИДЕ. Г.И.