Најуспешниот македонски натпреварувач и европски шампион во категоријата на ридско-брзински автомобилизам Игор Стефановски Иџе, за две секунди го подобри рекордот на патеката на Водно, во склоп на 37-от Меѓународен ридски натпревар кој се одржа викеднов на Водно.

За првпат во историјата на ридско-брзинските трки на Водно, Македонец е сопственик на поставен рекорд.

Според шампионот Стефановски, конечно е исполнет сонот. Постигнат е долго посакуваниот рекорд.

– Ми беше криво што натпреварувачи од други земји го имаа рекордот на патеката, која беше главна за моите почетоци во автомобилскиот спорт. Јас го имав македонскиот рекорд, но не и севкупниот рекорд на оваа патека. Конечно мисијата е завршена. Јас како Македонец сум горд што го имам и македонскиот, но и рекордот на оваа патека воопшто. Им се заблагодарувам на луѓето од мојот тим. Тие овозможија овој автомобил кој е подготвен за друг вид на натпреварување, да се приспособи за да можам да настапам на оваа трка – рече Иџе.