На падините на Водно вчера се одржа 17-то Европско првенство (ЕП) во планинско трчање, на кое во организација на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), настапија вкупно 255 атлетичари и атлетичарки од 29 европски држави. Настанот почна со женската трка за натпреварувачки до 20 години, во која од вкупно 44 атлетичарки, три беа од Македонија (Хајрие Азири, Елена Лазароска и Емилија Лазароска). Триумфира Италијанката Ангела Матеви, која патеката ја истрча за време од 29,30 минути. На второ, односно трето место, завршија Британките Ана Мекфеден (30,24 мин.) и Скарлет Дејл (30,30 мин). Најдобропласирана Македонка беше Азири, која го освои 39-то место (41,05 мин.)
Во машката трка за атлетичари до 20 години учествуваа вкупно 53 атлетичари од кои четворица Македонци (Дејан Ангелоски, Матеј Драгановски, Хашим Куртиши и Ријад Шаипи). Романецот Ганриел Буларда беше најбрз (25,45 мин.) со што ја одбрани титулата во оваа конкуренција. Најдобропласиран од македонските претставници беше Дејан Ангелоски, на 26-та позиција (29,16 мин.)
Во сениорската женска трка македонски претставнички беа Весна Кираџиева, Андријана Поп Арсова и Милијана Ристиќ, а победи Швајцарката Моде Матис (52,32 мин.), која исто така ја одбрани титулата. Најдобропласирана Македонка со време од 1:08,24 ч. беше Андријана Поп Арсова на 47-то место.
Атанас Анчевски, Марјан Бонев, Александар Кирковски и Муџахид Муслими ги бранеа боите на Македонија во машката сениорска трка, во која настапија 79 атлетичари. Тројна победа остварија Италијанците, Бернард Дематис (46,51 мин.), Чезаре Маестри (47,18 мин.) и Мартин Дематис (47,47 мин.).
Најдобропласиран Македонец, на 73-та позиција во оваа силна конкуренција беше Муслими со време 1:05,39 час.