Дејан Георгиевски (22) испиша голема прекрасна страница во историјата за македонскиот олимписки спорт, освојувајќи го сребрениот медал во таеквондо на Летните олимписки игри во Токио. Сребрениот медал на Георгиевски е прв олимписки медал за независна Македонија, по бронзениот на борачот Могамед Ибрагимов на ЛОИ во Сиднеј во 2000 година. Македонија сега има вкупно 14 олимписки медали, освоени од 11 спортисти

ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ

Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски (22) го освои сребрениот медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, со што испиша голема прекрасна страница во историјата за македонскиот олимписки спорт. Во финалето, во категоријата над 80 кг, Георгиевски загуби од Русинот Владислав Ларин (25), со 9-15, во интересна и возбудлива борба.
Сребрениот медал на Георгиевски е прв олимписки медал за независна Македонија, по бронзениот на борачот Могамед Ибрагимов на ЛОИ во Сиднеј во 2000 година. Македонија сега има вкупно 14 олимписки медали, освоени од 11 спортисти.
Георгиевски е член на таеквондо-клубот (ТК) Бутел од Скопје каде што тренира под надзор на Борче и на Дарко Костовски, кои имаат големи заслуги за освоениот медал. Олимписката А-норма тој ја обезбеди на европскиот олимписки турнир во Софија, Бугарија, во мај годинава, победувајќи го, меѓу другите, олимпискиот шампион од Рио де Жанеиро во 2016-та, Радик Исаев од Азербејџан, со 13-6. Георгиевски беше подобар од Исаев и пред две години во финалето на меѓународниот турнир од серијата Г-1 „Турција опен“, во Анталија.
Георгиевски има богата колекција медали. Покрај олимпискиот медал од Токио 2020, тој е освојувач на бронза од Европското првенство (ЕП) до 21 година и на злато од сениорското Европско првенство во 2017 година со само 18 години, потоа има бронза од ЕП (до 21 год.) во 2018 година, сребро од Медитеранските игри (МИ) пред две години, а најновото сребро го освои на ЕП, во Сараево.
Таеквондото првпат беше дел од ЛОИ во Сеул во 1988 година, а потоа и во Барселона во 1992 година, како демонстрациски спорт. Од Игрите во Сиднеј во 2000-та таеквондото е дел од официјалната програма.


Успехот во Токио го најави во февруари 2019-та

Дејан Георгиевски со голема самодоверба стигна на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (Јапонија), но тој ги најави високите амбиции многу порано. По освоеното прво место на меѓународниот турнир од серијата Г-1 „Турција опен“, во Анталија, тој на 20 февруари 2019 година во разговор за дневниот весник „Нова Македонија“ изјави: „Секако дека сум оптимист за Токио. Не само што верувам дека ќе бидам дел од ЛОИ туку оттаму ќе се вратам и со медал“.


До олимпискиот медал со победи над водечки светски таеквондисти

На патот до финалето и дуелот за златниот медал со светскиот првак од 2019-та и европски шампион од 2016-та и од 2018 година, Владислав Ларин, Дејан Георгиевски прво го совлада двократниот светски првак Алба Кастилјо од Куба во осминафиналето со 11-8.
Потоа, во четврт-финалето, Георгиевски славеше на дуелот со Сејду Гбане од Брегот на Слоновата Коска со 9-4 и во полуфиналето победи на мечот со Кјо Дон Ин (бронза од СП 2017, злато на првенство на Азија во 2018) од Јужна Кореја, со 12-5.
Бронзените медали на ЛОИ 2020, по борбите во репасажот, ги освоија токму Кастилјо и Дон Ин, ривалите што Георгиевски ги победи во осминафиналето и во полуфиналето.


ПАТОТ НА ГЕОРГИЕВСКИ ДО МЕДАЛОТ НА ЛОИ 2020

Алба Кастилјо (Куба)             осминафинале        11-8
Сејду Гбане (БСК)                  четврт-финале         9-4
Кјо Дон Ин (Ј. Кореја)            полуфинале            12-5
Владислав Ларин (Русија)      финале                   9-15


Костовски: Радувај се Македонијо

Сребро на олимписки игри во фулконтактен боречки спорт, во таеквондо, е сонот со кој јас и мојот брат живеевме откако постои клубот Бутел. Македонијо радувај се. Се гледаме горди и достоинствени на плоштадот во Скопје. Го имаме најголемиот историски успех откако Македонија е независна држава, браво лаву, браво јунаку, ти си новата спортска македонска икона, ти си идолот на новите генерации! Ти брату Борче Костовски, ти си посебен, ти си генијалец и твојата работа низ годините наназад не може со зборови да се опише, тоа е за филм. Фала му на Господ што те имам до мене, што те има Дејан, стратегиите ти беа како тие на Александар Македонски, напиша на својот фејсбук-профил, Дарко Костовски, кој со брат му Борче му се тренери на Дејан Георгиевски.