Шпанската мотоциклистка Ана Караско испиша историја и стана првата жена што успеа да освои светска титула во мотоциклизам во конкуренција на мажи. Во последната трка од сезоната, 21-годишната Караско ја освои титулата во категоријата Суперспорт 300.
Таа последната трка ја завршила на 13-то место, кое, сепак, ѝ било доволно да ја завери титулата во генерален пласман во класата мотори до 300 кубни сантиметри, со само еден бод предност пред второпласираниот возач Мајк Перез. Караско потекнува од мотоциклистичко семејство. Нејзиниот татко бил механичар на познати професионални возачи. Сама почнала да вози од својата трета година. Својата мото-кариера ја почнала во 2011 година, а со 16 години дебитирала на Мото ГП3 во 2013 година и станала првата жена по Катја Поенген, која освоила поени во професионална трка од 2001 година досега. Минатата година Караско стана и првата жена што победила во индивидуална трка од светскиот шампионат, на трката во Португалија.
– Неверојатно е. Јас и мојот тим работевме многу напорно за да стигнеме дотука. Сакам да им се заблагодарам на сите од тимот на Кавасаки, кои се трудеа за да ме направат шампион – изјавила Караско.