На стадионите, со најсовремена архитектура и во знак на културните моменти на Катар, има досега невидени иновации, како високотехнолошките системи за ладење, за температурата на воздухот за време на СП 2022 во фудбал да биде од 23 до 25 степени

Освен брилијантните дизајни на стадионите, со најсовремена архитектура и во знак на културните моменти, Катар, организаторот на Светското првенство (СП) во фудбал во 2022 година гради стадиони со досега невидени иновации. Пред сѐ, тука е технологијата за ладење, која температурата на воздухот на стадионите треба да ја одржува на удобни, 23 до 25 степени.

Во Катар во текот на летните месеци, во јуни и во јули, кога традиционално се одржува СП, температурите се над 40 степени, поради што турнирот се префрли да се игра од 21 ноември до 18 декември, кога во Катар има умерени временски услови. Катар, која е една од најпросперитетните земји во светот со најголем бруто-домашен производ (БДП) по жител, ќе изгради седум нови стадиони, со најсовремени технолошки уреди и ќе го реновира постојниот меѓународен стадион „Калифа“.

Осумте стадиони се наоѓаат многу блиску еден до друг, што значи дека играчите и навивачите не мора да минуваат долги растојанија за да ги следат натпреварите. Ефективноста на технологијата за ладење веќе беше демонстрирана на стадионите „Калифа“ и „Ал Јануб“.

– Не ладиме ниту една десетина од објектот, туку само околу два метра каде што се навивачите и околу три метри на теренот каде што се игра. Значи, она што го правиме е да го повлечеме воздухот од просторот од околината внатре на стадионот, да го изладиме и потоа повторно да го вратиме, и така повеќепати. Оваа технологија се нарекува рециркулација – изјави за Си-ен-ен, Сауд Абдул Гани, професор на Колеџот за инженерство на универзитетот „Катар“, кој раководи со проектот.

Ваквата технологија за ладење се користи во различни области, од риболов до земјоделство, и се смета за едно од најеколошките ладења на воздухот. Таа го минимизира количеството искористена вода и го користи постојниот топол воздух за придвижување на процесот.

Стадионот „Ал Бајт“, кој е оддалечен 40 км од Доха и е со капацитет од 60.000 места, е дизајниран да имитира традиционален номадски шатор што се употребува во пустината на Катар. Во него ќе има 96 хотелски соби со пет ѕвездички т.н. „небески кутии“, каде што навивачите ќе можат да уживаат на мечевите од СП 2022. По завршувањето на СП, апартманите ќе бидат претворени во своевиден луксузен хотел.

Стадионот „Рас Абу Абуд“, пак, со капацитет од 40.000 места, е првиот одржлив стадион, изграден целосно од рециклирачки контејнери. Тој по СП 2022 ќе биде размонтиран и реизграден на некои друго место во Катар, или во некоја друга земја, во ист или сличен облик. Тоа е визионерски одржлив дизајн (како градба со лего-коцки, како што некои го опишуваат), кој би требало да им послужи како пример на архитектите и на дизајнерите низ светот.

Три години пред финалниот турнир на СП 2022 во Катар веќе се готови новиот стадион „Ал Јануб“ со капацитет од 40.000 места и реновираниот стадион „Калифа“ (45.416 места). Од другите, три би требало да бидат готови до средината на 2020, а сите осум се очекува да бидат завршени до крајот на 2021 година.