Новиот формат со спринт-трки на Ф1 дебитира во Силверстоун во јули, а Ф1 разговараше со раководното тело ФИА и со тимовите за идејата в година да се зголеми бројот на настани со новиот формат со спринт

ФОРМУЛА 1

Формула 1 објави рекорден календар со 23 трки за 2022 година, почнувајќи од Бахреин на 20 март и завршувајќи во Абу Даби на 20 ноември, со сезоната поделена во 35 недели, пишува „Би-би-си“. Првенството треба да заврши три недели порано од тоа годинава, за да се избегне совпаѓање со Светското првенство во фудбал во Катар, кое треба да почне на 21 ноември 2022 година. Ф1 годинава објави календар со 23 трки, но мораше да го измени бидејќи голем број земји одлучија дека не можат да одржуваат трки за време на пандемијата, пишува „Би-би-си“. Така, годинава ќе се одржат 22 трки, и покрај откажувањето на настаните во Австралија, Кина, Канада, Сингапур и во Јапонија.
– Сезонава беше неверојатна досега со големи битки на патеката, многу публика што се придружи и гледачите се вратија на трките по влијанието на пандемијата. Со нетрпение очекуваме да пречекаме повеќе гледачи следната сезона и се надеваме дека 2022 година ќе биде понормална од животот што сите го доживеавме во изминатите две години. Многу сме задоволни од интересот за Формула 1 од местата што сакаат да бидат домаќини на трки и од развојот на спортот, и веруваме дека имаме фантастичен календар за 2022 година. Пандемијата е сѐ уште со нас, па затоа ќе продолжиме да бидеме будни и безбедни, да ги заштитиме целиот наш персонал и заедниците што ги посетуваме – вели претседателот на Ф1, Стефано Доменикали, пренесе „Би-би-си“.
Новиот формат со спринт-трки на Ф1 дебитира во Силверстоун во јули, а Ф1 разговараше со раководното тело ФИА и со тимовите за идејата в година да се зголеми бројот на настани со новиот формат со спринт.


ПРЕДЛОГ-КАЛЕНДАР ЗА 2022 ГОДИНА

20 март Бахреин
27 март Саудиска Арабија
10 април Австралија
24 април Емилија Ромања
8 мај Мајами
22 мај Шпанија
29 мај Монако
12 јуни Азербејџан
19 јуни Канада
3 јули В. Британија
10 јули Австрија
24 јули Франција
31 јули Унгарија
28 август Белгија
4 септември Холандија
11 септември Италија
25 септември Русија
2 октомври Сингапур
9 октомври Јапонија
23 октомври САД
30 октомври Мексико
13 ноември Бразил
20 ноември Абу Даби