Од 25 март, од североисточната префектура Фукушима, штафетата треба да ја помине Јапонија во следните четири месеци, со учество на 10.000 тркачи што ќе го носат факелот. Отворањето на ЛОИ е планирано за 23 јули

Тргнувањето на штафетата на олимпискиот факел, во пресрет на од лани одложените Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио, поради пандемијата на коронавирусот, е предвидено да почне на 25 март од североисточната префектура Фукушима.
Штафетата треба да ја помине Јапонија во следните четири месеци со учество на 10.000 тркачи што ќе го носат факелот. Отворањето на ЛОИ е планирано за 23 јули на Националниот стадион во Токио.
Од обожавателите покрај патот што ќе го следат олимпискиот факел ќе биде побарано соодветно растојание помеѓу нив, да носат маски и да навиваат тивко, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Целта на олимписки факел е да го зајакне ентузијазмот.

Треба да ги балансираме работите помеѓу воведување ентузијазам и спречување на инфекција со ковид-19 – вели Тоширо Муто, извршен директор на Организацискиот комитет на Игрите во Токио, пренесе АП.
За време на патувањето, факелот ќе ги посети сите 47 престолнини на префектурите, патем и стотици градови и села. Олимпискиот факел е дизајниран од Токуџин Јошиока и е инспириран од традиционалните цветови на цреша.
Се очекува организаторите следната недела да соопштат дали гледачи од странство ќе можат да присуствуваат на ЛОИ. На Летните олимписки игри треба да учествуваат 11.000 спортисти, а 4.400 на Параолимписките игри, од 24 август. Тие ќе бидат главно во т.н. „балон“, ќе бидат редовно тестирани, а некои ќе пристигнат вакцинирани, пишува АП.