Јоширо Мори, претседателот на ИК на ЛОИ 2020 во Токио, изјави дека не му се допаѓа идејата за одржување на Игрите на празни стадиони
Претседателот на Извршниот комитет (ИК) на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Токио, Јоширо Мори, за „Кјодо њуз“ изјави дека не му се допаѓа идејата за одржување на Игрите без публика. ЛОИ во Токио требаше да почнат утре, но поради пандемијата на ковид-19, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и јапонската влада во март донесоа одлука за одложување на Игрите за 2021 година.
Оттогаш, организаторите и ИОК разгледуваат различни опции за одржување на Игрите следното лето. Претседателот на ИОК, Томас Бах, минатата недела рече дека помал број гледачи на трибините би можело да биде опција. Но Мори, поранешен јапонски премиер, изјави дека би сакал да се избегне ваквото сценарио.

– Не би требало да ги тераме гледачите да се соочуваат со такви непријатни работи. Спортските настани се поврзани со заедништвото и со емпатијата во целата земјата – изјави Мори за „Кјодо њуз“, пренесува „Ројтерс“, додавајќи оти коментарите на Бах најверојатно се однесуваат на „претпоставеното најлошо сценарио“.
Организаторите на Токио 2020 ќе одржат состаноци со јапонската влада и со локалната влада на Токио во септември за да разгледаат повеќе различни сценарија. Извршниот директор на Токио 2020, Тоширо Муто, изјави за „Ројтерс“ дека во наредните месеци очекува да им се приклучат неколку нови спонзори и покрај тоа што бизнисите се погодени од пандемијата на коронавирусот. Одложувањето на Игрите им направи дополнителни трошоци на организаторите, но Муто, кој рече дека конечната бројка колку ќе чини тоа нема да се знае до декември, се надева оти новите спонзори ќе помогнат да се ублажат загубите.

– Знам дека бизнисите имаат сериозни проблеми поради коронавирусот, но, сепак, има компании што сакаат да ги спонзорираат Игрите. Тоа е многу добра вест – изјави Муто, кој додаде дека се надева оти сите сегашни спонзори на Токио 2020 ќе ги продолжат договорите за одложените Игри.