Најбрзите на 100 метри: Дина Ашер-Смит и Жарнел Хјуз

Во квалификациите тој забележа време од 3:57,52 минути, многу послабо од неговиот личен рекорд (3:47,13)

На Европското првенство (ЕП) во атлетика во Берлин вчера напладне трчаше и вториот македонски претставник, Дарио Ивановски (21), во квалификациите на 1.500 метри. Тој беше во првата од трите групи и забележа 33-то време, 3:57,52 минути, многу под неговото лично најдобро постигнување, 3:47,13 минути од Медитеранските игри (МИ) во Тарагона, Шпанија во јуни годинава.

– Којзнае по кој пат во оваа дисциплина се трчаше тактички, само за пласман во финале, без резултатско значење. Дарио на некој начин беше жртва на таа тактичка трка во која големите шампиони трчаа само за да влезат во финалето. Затоа оваа дисциплина е тешка и сурова и најчесто сѐ зависи од целата група – ни изјави тренерот на македонските атлетичари на ЕП, Игор Јакимовски.

Во вторникот во квалификациите на 400 метри со пречки настапи и Дрита Ислами, и забележа најслабо време од сите атлетичарки, 1:02,23 минута. Тоа беше многу послабо од нејзиниот државен рекорд, 59,33 секунди, поставен лани во јуни во Охрид, но и од најдоброто време сезонава, 1:00,68 минута, на Медитеранските игри (МИ) во Тарагона, Шпанија.

Дарио Ивановски

На вториот ден од ЕП, во спринтерските трки на 100 метри, двојна победа на атлетичарите од Велика Британија. Кај жените триумфира Дина Ашер-Смит (22) со време од 10.85 секунди, што е нов британски рекорд и израмнето најдобро време годинава. Ашер-Смит триумфира на ЕП 2016 во Амстердам, но на 200 метри. Втора беше Германката Џина Ликенкемпер (10,98), а трета Холанѓанката Дафне Шиперс (10,99), европската шампионка од минатите две ЕП, од Цирих 2014 и од Амстердам 2016 година. Таа е и двократна светска првенка на 200 метри и олимписка вицешампионка од Рио 2016-та на 200 метри. За неа ова беше најдобро време годинава.

Кај мажите нов европски првак во спринт е Британецот Жарнел Хјуз (23), кој патеката ја мина за 9,95 секунди што е рекорд на ЕП. Втор беше неговиот сонародник Рис Прескод, кој заостана само една стотинка, а трет Турчинот Јак Али Харви (10,01).
Атлетичарите трчаат на историскиот олимписки стадион во Берлин, кој е граден за потребите на Летните олимписки игри (ЛОИ) 1936 година. На овој стадион на Светското првенство (СП) 2009 година, Усеин Болт од Јамајка го постави светскиот рекорд на 100 метри, 9,58 секунди.

Во трката на 10 км, триумфира Морад Амдуни од Франција (28:11,22 минути), пред Башир Абди од Белгија (28:11,76) и Крипа Јеманбаран од Италија (28:12,15).
Во машката трка на 50 км златниот медал го освои Украинецот Марјан Закалницки (3:46,32 часа), а во женската Инес Енрикес од Португалија (4:09,21).