АТЛЕТИКА

Јубилејното петто издание на „Скопје трча 10 км“ ќе биде запаметено по рекордните постигнувања на Адријана Поп Арсова и на Дарио Ивановски, членови на атлетскиот клуб (АК) Делта од Скопје, кои поставија два нови државни рекорда на 10 км, односно ги подобрија своите најдобри времиња на оваа делница. Трката беше во организација на Сојузот на спортови на Скопје и АК Работнички.

Ивановски десетте километри на патеката во Скопје ги истрча со време 28,58 минути и стана првиот Македонец што забележал време побрзо од 30 минути на оваа делница. За него ова е петти рекорд сезонава, а трет во минатите 20 дена.

Поп Арсова, пак, патеката по булеварот Илинден, покрај Градскиот парк во Скопје, до населбата Влае и назад, ја помина за време од 35,07 минути и со тоа го подобри претходниот национален и нејзин личен рекорд за 1,55 минута, што ѝ донесе и 997 бода за ранг-листата на Светската атлетика (СА).