Британката Дејвис, која почна да се натпреварува во 2018 година, со личен рекорд и многу подобро од олимписката норма, се пласира на Игрите во Токио

АТЛЕТИКА

Стефани Дејвис, која пред помалку од три години го истрча својот прв маратон, ќе ја претставува Велика Британија на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, по победата во квалификациската маратонска трка во Лондон, пишува британски „Гардијан“. Специјално организираната трка Дејвис ја заврши со време од 2 часа, 27 минути и 16 секунди.
За Дејвис, која почна да се натпреварува во 2018 година, ова беше личен рекорд, а и одлично време во рамките на олимписката квалификациска норма, која изнесува 2:29,30 часа. Својот прв маратон Дејвис го истрча за време од 2:41 часа и на секоја наредна трка продолжи да се надминува себеси. Лондонскиот маратон во 2019 година го истрча за 2:32 часа, и покрај тоа што трчаше со повреда на колкот, а на маратонот во Валенсија во декември 2019 година низ целта помина со време од 2:27,40 часа. Откако почна пандемијата на коронавирусот, ова беше нејзин прв истрчан маратон. И покрај работните обврски, Дејвис вели дека неделно трчала помеѓу 96 и 112 километри, што е за половина помалку од елитните атлетичари, пишува „Гардијан“.
Емотивни сцени имаше и во машкиот квалификациски маратон, бидејќи место на ЛОИ во Токио обезбеди 39-годишниот Крис Томпсон, кој, исто така, забележа личен рекорд, со време од 2:10,50 часа.
– Не знам како го направив ова. Ова не се случува секој ден. На два круга до крајот на трката бев свесен дека ќе победам, но се обидував да ги контролирам емоциите – изјави Томпсон, олимпиецот од 2012 година.