Шерон Гејтер, 55-годишната ултрамаратонка, стана најбрзата жена што пеш ги изодела 822-те милји (1.322,8 км) за 12 дена, 11 часа, 6 минути и 7 секунди, меѓу Џон О’Гроатс и Лендс енд, од североисточниот до југозападниот дел на Велика Британија. Претходниот рекорд, поставен во 2008 година, беше подолг од четири часа.

Гејтер, од Гисборо, во близината на Мидлсборо, професорка на универзитетот „Тисајд“, рече дека се чувствувала како да „има 105 години“, но и големо „олеснување“ откако стигнала до целта.

– Сакав да го урнам рекордот, да форсирам до моите крајни граници, затоа што никогаш не знаеш што е зад аголот – изјави Гејтер, велејќи дека последниот ден ѝ бил „болен“ по само 90-те минути спиење, откако и претходните ноќи спиела само по три часа.

Гејтер го започнала патешествието од најсеверниот врв, на 21 јули, во 7.30 часот, и го завршила на југозападниот дел, во 18.36 часот, на 2 август.

Нејзиното време допрва треба да биде потврдено во Гинисовата книга на рекорди, откако ќе се прегледа нејзиниот ГПС-уред.

Претходното најбрзо време при вакво пешачење го постави Британката, Марина Андерсон, во јули 2008 година. Машкиот рекорд, поставен во 2001 година, изнесува девет дена, два часа и 26 минути.

– Во некои моменти размислував дека не можам повеќе, но телото ме изненади што сѐ можеше да издржи. И си велев, додека можам да го соборам рекордот, ќе продолжам да одам – ја објаснуваше Гејтер својата мотивација.

Говорејќи под патоказот на целта, Гејтер рече дека првото нешто што сакала да го направи е да се истушира, првпат по девет дена.

Гејтер собира пари за добротворна организација за ментално здравје, откако тројца нејзини пријатели си го одзеле животот.