Искуствата покажуваат дека шахот го подобрува однесувањето, помагајќи да се намали насилството кај затворениците и да се развијат комуникациски вештини, а се промовира позитивното користење на слободното време

ФИДЕ

Промовирањето на шахот како алатка за образование е еден од главните приоритети на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Сепак, обемот на работа во оваа област не е ограничен само на шахот во училишните програми и има многу други можности. Во последниве години сведоци сме на успешно воведување на шахот во затворите во Русија, Англија, САД, Бразил, Италија и во Шпанија, преку различни едукативни програми, а со многу позитивни резултати, се вели во соопштението на официјалната веб-страница на ФИДЕ.
– Овие искуства покажуваат дека шахот го подобрува однесувањето, помагајќи да се намали насилството кај затворениците и да се развијат комуникациски вештини, а се промовира позитивното користење на слободното време. Шахот, исто така, многу ги подобрува можностите за донесување одлуки на група луѓе, кои многу често, поради недостиг од можности и пристап до соодветно образование завршиле во затвор откако направиле погрешен избор во животот. Покрај тоа, играта има позитивно влијание врз целокупното здравје на затворениците, борбата против депресијата, стресот и вознемиреноста и ги мотивира да се променат на подобро.

Како резултат на тоа, шахот многу придонесува во напорите за рехабилитација, а некои студии веќе докажаа дека се намалени повторните прекршоци. Во затворите, исто како и во поширокото општество, влијанието на спортот и игрите може да биде далекосежно – велат од ФИДЕ.
Во насока на поддршка и унапредување на оваа работа, ФИДЕ и канцеларијата на шерифот во округот Кук (Чикаго, САД) потпишаа договор за соработка и заедно ја почнуваат програмата „Шах за слобода“. Овој проект, закажан за вчера попладне, под покровителство на 12-от светски шампион, рускиот велемајстор Анатолиј Карпов, требаше да почне вчера попладне со онлајн конференција, на која, меѓу другите, беше предвидено воведен збор да има и претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, а потоа и да се одигра интернет-турнир со четири држави-учеснички, односно затворски екипи од Русија, Ерменија, САД и од Шпанија.