Бенето (десно) освојуваше трофеи во двојки, но не и во поединена конкуренција

Францускиот тенисер Жулиен Бенето во октомври ја заврши својата богата 18-годишна кариера, но со една поразителна статистика – тој ги загубил сите 10 финалиња во кои успеал да се пласира. Ниту еден тенисер, без разлика дали во машка или во женска конкуренција, кој настапувал во опен-ерата (од 1968 година), не настапил во повеќе финалиња без да освои трофеј.

За Бенето, кој својата кариера ја заокружи пред два месеци, се отвори прашањето дали, всушност, тој е најдобриот тенисер кој не успеал да освои титула во поединечна конкуренција.

– Ми одговара таа титула. Ако луѓето го велат тоа, мене воопшто не ми пречи – изјави францускиот тенисер за Си-ен-ен.

Иако Жулиен секогаш во својата кариера се „сопнуваше“ пред да го крене трофејот, тој во своите 18 играчки години успеа да се натпреварува и често да ги надигра најголемите имиња на оваа игра. Тој успеа да ги победи Роже Федерер, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, а дури 18 пати победуваше играчи од водечките десетмина на АТП-листата, на тврда, земјена и тревната подолога.

Жулиен Бенето во четвртото коло на неофицијалното тениско светско првенство „Вимблдон“, во 2012 година, на тревната подлога во Сеанглискиот клуб, имаше предност од два сета пред еден од најдобрите тенисери на сите времиња Роже Федерер, но не успеа да го направи подвиг. На домашен терен во Париз тој стигнуваше до четврт-финалето на „Ролан Гарос“, а се искачи и до 25-тото место на АТП-листата.

Тој успешно настапуваше во двојки со партнерот Едуар Роже Васлан и успешно го прекина 30-годишниот пост на Франција на „Ролан Гарос“ во 2014 година и освои бронзен медал на Летните олимписки игри во Лондон во 2014 година.

Бенето првично имаше намера да ја заврши кариерата во септември, на „САД опен“ во Њујорк, но не ја одби шансата да заигра за француската Дејвис куп репрезентација против Хрватска во финалето во октомври.

Иако во светскиот тенис постојат далеку поуспешни и потрофејни тенисери од Жулиен Бенето, тој ќе биде запомнет како голем борец на тениските терени и како човек на кој трофеите во поединечна конкуренција секогаш му биле на дофат, но никогаш не успеал да зграпчи еден од нив.