Тур де Франс за жени се одржуваше од 1984 до 1989 година, но беше откажан поради „недостигот од економска рамнотежа“

Следната, 2022 година, по 33-годишна пауза, ќе се одржи женска трка Тур де Франс, најави директорот на Тур, Кристијан Прудом, за британскиот весник „Гардијан“.
Последната женска трка Тур де Франс се одржа во 1989 година, а следната година е планирано таа да се вози веднаш по машката трка. Женскиот Тур де Франс се одржуваше од 1984 до 1989 година, но беше откажан поради, како што рече Прудом, „недостигот од економска рамнотежа“.
– Она што сакаме да го направиме е да создадеме трка што ќе трае и ќе го издржи тестот на времето. Тоа значи дека трката не смее да прави загуби. Денес сите женски трки што ги организираме губат пари. Ако се заработат пари, тоа е одлично, но не смее да се прават загуби, бидејќи ќе заврши како Тур во 1980-тите. Да беше постигнат тогаш тој баланс, сега ќе го имавме 35-от женски Тур де Франс. Предизвик е да создадеме трка што ќе поживее 100 години. Затоа сакаме таа да го следи машкиот Тур, така што поголемиот дел од ТВ-каналите што ја емитуваат машката трка ќе ја опфатат и женската – рече Прудом.